Повеќе од 100.000 млади ниту работат, ниту учат – Слободен печат
ВестиЕкономија

Повеќе од 100.000 млади ниту работат, ниту учат

Поразителни податоци Работодавачите не се задоволни од образовниот систем и 35 отсто од нив сметат дека работниците со високо образование немаат никаква додаден вредност во однос на оние со средно образование.

Според податоците на Агенцијата за вработување, во Македонија има околу 180.00 невработени, ама само 100.000 се активни баратели на работа.

Според Анкетата на работна сила пак, многу повеќе невработени бараат работа, односно дури 160.000 граѓани, и тие во истиов момент, ако им биде понудена работа, ќе ја прифатат. Но, истовремено, во Македонија има околу 500.000 граѓани кои се работоспособни, но неактивни.

Најзагрижувачки податок е што меѓу нив се повеќе од 100.000 млади на возраст од 15 до 29 години кои се „невидливи“, односно ниту работат, ниту бараат работа, а дел од нив веројатно е иселен.

Сепак, и покрај овие податоци, работодавачите велат дека на пазарот на труд не може да најдат работници, а дека тие што им работат, не го праваат добро, па на скала од 1 до 10 ги оцениле со 6-ка.

Ова беа заклучоците од панел дискусијата „Стручен кадар по мерка на бизнисот“ на која учествуваа претставници од компаниите и универзитетски професори кои се занимаваат со оваа проблематика.

Имаме работна сила ама колку е употреблива

Професорката Никица Мојсоска Блажески која е и извршен директор на невладината организација „Македонија 2025“ го презнтираше податокот дека 35 отсто од работодавачите сметат дека работниците со високо образование немаат никаква додаден вредност во однос на оние со средно, како и дека на 100 вработени со високо образование, само 12 работат за тоа што учеле.

– Шансите на младите со високо образование на пазарот на труд,  се исти како на оние со средно образование – нагласи Мојсоска Блажески.

Таа препорача повеќе да се слуша гласот на работодавачите, но и работодавачите поактивно да се вклучат во образовните политики.

– Веројатно ќе дојдеме во фаза, и покрај големата невработеност, да увезуваме работници какви што требаат на пазарот на труд – вели  Мојсоска Блажески.

Погрешна уписна политика

Наташа Јаневска, државен советник во Министерството за образование потсети на една стар изрека дека „една држава ќе биде толку богата, колку што вложува во своето образование“.

– Податокот дека 80 отсто од невработените се долгорочно невработени јасно укажува на тоа дека постои несоодветност меѓу образованието и пазарот на трудот – рече Јаневска.

Според Јаневска, во Македонија има и неправилна уписна политика, а тоа го поткрепи и со бројките, односно најмногу млади учат за економисти или задравствени работници, додека за земјоделската струка се обучуваат само 4 отсто од младите, за угостителство – 4,5 отсто, а за хемиската индустрија – 0,1 отсто.

Претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески ги повика работодавачите сами да вложуваат во кадар каков што им треба и упати критики на фактот дека во државава има 195 факултети, а 135 средни училишта.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close