Илустрација - астероид / Фото: Pixabay

Потврдено е кога астероидот „богот на хаосот“ ќе помине најблиску до Земјата – ќе биде видлив со голо око

Редок астероид наскоро ќе биде видлив со голо око во редок небесен настан, според астрономите.

Наречен „Богот на хаосот“ или „убиецот на градовите“,  астероидот 99942 Апофис,  ќе биде најблиску до Земјата на 13 април 2029 година. Во тој период, тој ќе биде поблиску до нас од телекомуникациските сателити во геостационарна орбита и ќе биде видлив со голо око, пишува „Еј-би-си њуз“.

Според пресметките на астрономите, астероидот ќе помине на растојание од околу 32.000 километри од Земјата, што е 12-ти дел од растојанието на Месечината од нашата планета. Според НАСА, ова ќе биде едно од најблиските досега регистрирани поминувања на објект од оваа големина и е „многу редок настан“.

Ова приближување ќе биде видливо за набљудувачите на земјата на источната хемисфера, доколку временските услови дозволуваат. Астрономите истакнуваат дека астероидот ќе биде доволно блиску што на набљудувачите на небото нема да им треба телескоп или двоглед за да го видат.

Кога Апофис првпат беше откриен во 2004 година, тој беше означен како потенцијално опасен астероид поради можноста да ја погоди Земјата во 2029, 2036 или 2068 година, според НАСА. По внимателното следење на астероидот и неговата орбита со помош на оптички телескопи и земски радари, астрономите сега се уверени дека нема ризик Апофис да ја погоди Земјата барем во следните 100 години.

Гравитационата сила на Земјата би можела да ја промени орбитата на астероидот околу Сонцето за време на неговиот транзит во 2029 година, правејќи ја орбитата малку поширока или орбиталниот период малку подолг, но ризикот од удар во Земјата би останал ист. Неговото блиско поминување, исто така, ќе им даде можност на астрономите ширум светот да дознаат повеќе за овој астероид.

Апофис е грчкото име за египетскиот бог познат како Апеп. Името го предложија астрономите кои го открија астероидот: Рој Такер, Дејвид Толен и Фабрицио Бернарди од Националната опсерваторија Кит Пик во близина на Тусон, Аризона. Апеп е божество во форма на змија. Тој е бог на хаосот и темнината и секоја ноќ се обидува да го уништи богот на сонцето Ра. Подоцна, во митологијата, тој е убиен од Сет, кој ја презема улогата на бог на ноќта.

Астероидот е реликт од раниот сончев систем од пред околу 4,6 милијарди години, направен од остатоци од суровина што никогаш не станала дел од планета или месечина, според НАСА. Иако неговата точна големина и облик се непознати, тој има просечен дијаметар од околу 340 метри и подолга оска од најмалку 450 метри.

Површината на Апофис е оштетена од еони изложеност на елементите на вселената, вклучувајќи го сончевиот ветер и космичките зраци, според Масачусетскиот институт за технологија (МИТ).

Кога прелетувањето ќе се случи во април 2029 година, Апофис ќе стане член на групата „Аполо“, семејство астероиди што ја пресекуваат орбитата на Земјата, но чии сопствени орбити околу Сонцето се пошироки од Земјините, според ЕСА.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот