Потпретседателката на Европскиот парламент, Гркинката Ева Каили, е под истрага за корупција поврзана со Катар

Фото: Фејсбук/Ева Каили

Потпретседателката на Европскиот парламент и европратеничка од грчката ПАСОК – Движење на промена, Ева Каили, е под истрага за корупција од белгиските власти. Со одлука на претседателот, таа денеска, на Светскиот ден на борбата против корупцијата, беше исклучена од нејзината партија.

– По последните случувања и истрагата на белгиските власти за корупција на европски функционери, европратеничката Ева Каили, со одлука на претседателот на ПАСОК-Движење на промена Никос Андрулакис, е исклучена од партијата, соопштија од ПАСОК.

Дел од европските медиуми вечерва објавија дека 44-годишната Каили е уапсена, но за ова сѐ уште нема официјална потврда. Грчката новинска агенција АНА-МПА, повикувајќи се на свои извори, објави дека таа е под истрага на белгиската федерална полиција „за вмешаност во случајот со корупцискиот скандал во Европскиот парламент од арапска земја, поконкретно од Катар”.

Според истите информации, од Каили биле побарани објаснувања, а според медиумите во Белгија, најверојатно е приведен нејзиниот сопруг Франческо Џорџи.

Официјално, вкупно четворица осомничени, меѓу кои и поранешен европратеник, се уапсени во Брисел како дел од истрага за корупција поврзана со земја од Персискиот Залив, соопшти белгиското федерално обвинителство.

Државното правобранителство не ја именуваше државата, но според белгискиот дневен весник „Ле Соар” станува збор за државата Катар чии функционери наводно се обиделе да купат поранешен претставник на италијанските социјалисти, кој бил во ЕП од 2004 до 2019 година.

Истрагата опфатила дејствија „корупција” и „перење пари” на организирана банда, соопшти истрагата. Неколку месеци, белгиските истражни судии „се сомневаа дека една држава од Персискиот Залив влијаела врз економските и политичките одлуки на Европскиот парламент, со плаќање суми на пари или нудење големи подароци на трети лица кои, поради нивната политичка и/или стратешка положба, имаат големо значење” во таа институција.

Сојузното државно правобранителство, кое е задолжено за истраги за тероризам и организиран криминал, не го откри идентитетот на приведените лица. Утринава во рамките на истрагата што ја нареди судија од Брисел, извршени се 16 рации во различни општини на главниот град на Белгија, каде се наоѓа и седиштето на ЕП.

Покрај четворицата уапсени, во рамките на истрагата полицијата запленила „околу 600.000 евра во кеш” и „компјутерски материјал и мобилни телефони” чија содржина ќе се анализира. Цел на операцијата биле помошниците на европратениците кои работат во ЕП. Меѓу уапсените е и поранешен европратеник, соопшти државното правобранителство.

Каили е една од 14-те потпретседатели на Европскиот парламент.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот