Посмртнината на пензионерите е времено намалена, семејствата ќе ги добијат скратените 5.000 денари во јули

Стари лица / Фото: Marina Kovacevic / Alamy / Alamy / Profimedia

Петте илјади денари за посмртнина што им се намалени на пензионерите од солидарниот фонд ќе им бидат дополнително вратени на семејствата кога фондот ќе се стабилизира, затоа што одлуката е привремена, објаснуваат за „Слободен печат“ од Одборот на регистрирана организација за солидарен фонд и членарина. Оттаму додаваат дека парите за посмртнина не се трајно намалени и според одлуката, семејствата на починатите ќе ги добијат во јули доколку во меѓувреме не дојде до промена на времената мерка.

– Парите за солидарен фонд се обезбедуваат од корисниците на пензија врз основа на нивна согласност. Тие средства се уплатуваат на посебна подсметка во рамките на трезорската сметка и наменски се користат само за исплата на посмртната помош. За сите прашања од солидарниот фонд одлучува Одборот на регистрираната организација составен од пензионери од четирите сојузи во нашата држава. Обемот на тие средства зависи од акумулираните средства и од бројот на починати корисници на пензија. Имено, до пандемијата умираа околу 1.200 корисници на пензија просечно месечно, а сега за време на пандемијата месечно умираат над 1.800 корисници на пензија. Со тоа се зголеми бројот на примателите на посмртна помош и времето на чекање на исплата на отпремнината. Со цел да се помогне на примателите да се намали времето на чекање, одборот донесе времена одлука да им помогне на семејствата и да им се исплати најголем дел од отпремината од 25.000 денари, а 5.000 денари, дополнително ќе почнат да се исплатуваат со исплатата на јулската пензија, по редослед на поднесените барања и во зависност од расположивите средства.  Според тоа, не е вистина дека е намалена посмртната помош од 30.000 денари  на 25.000 денари трајно, што непотребно создаде немир и забуна меѓу пензионерите – велат од Одборот.

Деновиве дел од здруженијата на пензионерите реагираа дека не биле информирани навреме за одлуката и револтирани заради намалувањето на надоместокот. Но, надлежните велат дека одлуката е донесена во координација со четирите сојузи на пензионери во Македонија, преку кои сите пензионери се информирани, како и дека времената мерка е јавно објавена на 1 март.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот