Последно да му е, Мицкоски нема намера да менува Устав
Мариела Трајковска
Пред
Измени на Уставот ќе нема ако не се исполнат барем два услова – загарантирани права на Македонците во Бугарија, како и гаранции дека нема да се соочуваме со блокади од субјективни причини
Уставните измени, законот за правична застапеност, протестот на Сојузот на синдикатите на Македонија за зголемување на минималната плата, беа дел од интересот на пратениците на седницата за пратенички прашања.
Премиерот Христијан Мицкоски повтори дека и „последно да му е“, измени на Уставот ќе нема ако не се исполнат минимум барем два услова – загарантирани права на Македонците во Бугарија, како и гаранции дека нема да се соочуваме со блокади од субјективни причини.
Не бидете мивки, мивките лошо завршуваат, рече премиерот
– Не знам колкупати треба да го повторам ставот на Владата – уставни измени нема да има додека сум јас претседател на Владата ако не бидат исполнети минимум два услови. Првиот услов е македонската заедница во Бугарија да ги добие загарантираните права во согласност со меѓународното право и меѓународните конвенции и резолуции за човекови права. Не барам Устав да се менува. Второ, додека не добиеме гаранции за нашиот македонски идентитет, за што од вас очекувам поддршка како мои сограѓани, за мојот македонски јазик, дека повеќе нема да има билатерални вета, дека нема повторно да има нови омаловажувања, нови понижувања и нови опструкции од кој било од субјективни причини – одговори Мицкоски на прашање на пратеникот Скендер Реџепи за тоа што презема Владата за евроинтеграциите.
Скендер Реџепи Фото: Принтскрин
Реџепи предложи Собранието да донесе резолуција за заштита на македонскиот идентитет и јазик и уставните измени да се спроведат, а Мицкоски ги повика пратениците што и во иднина би седнале во собраниските клупи, да не се согласуваат со ставот на пратеникот за уставни измени без гаранции.
– Треба да донесеме резолуција, но со еден државнички став дека без овие два-три услови ќе немаме никакви отстапки. Не бидете мивки, мивките лошо завршуваат. Ве замолувам да поднесете резолуција во која ќе ги дефинирате вистинските принципи. Додека јас сум премиер, за оваа работа ќе одам докрај, макар и последно да ми е – рече Мицкоски.
Повторно конфронтации на етничка основа
Реџепи рече дека во двата пратенички мандати досега трипати дал поддршка за јазикот и за идентитетот.
– Но, за жал, никој ни од ВМРО-ДПМНЕ ни од СДСМ не дадоа поддршка за албанскиот јазик, тој што е дефиниран како 20 отсто. Надежта кај граѓаните е изумрена, побарав резолуција за да има светло на крајот од тунелот, зашто од нашите одлуки зависи дали идните генерации ќе ги благословиме или ќе ги проколнеме. Порано или подоцна, Македонија мора да донесе уставни промени – рече Реџепи.
Тој го праша премиерот и за законот за правична застапеност, и како по укинувањето на „балансерот“ од Уставниот суд премиерот, претседателот на Собранието и институциите ќе знаат од која етничка припадност се вработените, кога таа не е содржана во ниту еден личен документ.
– Во телевизиско гостување, кога говоревте за системот „Безбеден град“, рековте дека е намален бројот на смртни случаи од сообраќајни несреќи и рековте дека толку (од загинатите – н.з.) биле Македонци, толку Албанци… Етничката припадност никаде не е заведена, од каде ја знаете припадноста на загинатите, дали ги прашавте пред да починат? – праша Реџепи.
Собрание Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ
Мицкоски одговори дека апсолутно се води сметка за правичната застапеност.
– Јас сум личен гарант за тоа. Ниту како човек, ниту како политичар, ниту како претседател на Владата нема да дозволам никој никого да минимизира или мајоризира. Квалитетот на луѓето, без разлика од која етничка припадност доаѓаат, треба да биде клучен и да биде приоритет. Тоа е темел на уставна вредност и дел од меѓународните резолуции и конвенции – рече Мицкоски и додаде дека законот за правична застапеност е готов и наскоро треба да влезе во собраниска процедура.
Тој повтори дека не ги коментира одлуките на Уставниот суд, туку дека тие треба да се почитуваат.
– Жалам што упорно ги етнизирате прашањата, што не излеговте од таа матрица по толку време на политичката сцена, мислејќи дека на тој начин ќе добиете поени, а во суштина сè повеќе станувате маргинални ликови. И тоа, според мене, е лоша порака за вашите гласачи. Мислам дека треба да ги гледате работите пошироко и пообјективно. Наведовте многу погрешни заклучоци што нема да ги коментирам. Нека им е лесна земјата и Бог да ги прости жртвите, без разлика на кој етникум припаѓаат. Мизерно ми е да ви објаснувам како се констатира припадноста на починатите, но со имплементацијата на „Безбеден град“ ќе се спасат човечки животи – рече Мицкоски.
Реџепи рече дека семејно е воспитан да не ја дели болката на луѓето по етничка линија, но и дека ќе го бара тоа што му припаѓа по Устав.
Синдикалните лидери имаат бујна фантазија
Прашан за протестите организирани од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), премиерот рече дека биле изнесени многу лаги бидејќи, како што рече, до ССМ понудиле покачување на платата на административните службеници осум проценти до 2028 година, со што таа ќе порасне приближно околу 40 проценти, додека во однос на минималната плата истакна дека таа во согласност со закон ќе порасне во март со платата во април. Кога ќе постигнат договор работодавачите и работниците, Владата е подготвена да го поддржи и да го прифати договореното.
– Раководството на ССМ и неколкумина изнесоа многу невистини, лаги, конструкции, но и невистини што се резултат, претпоставувам на нивната бујна фантазија, но и фрустрација што ја имаат во своите соништа. И тоа не заслужува коментар, ние не треба да го коментираме. Сериозно сум разочаран од тие што треба да се авангарда и водачи и, пред сè, луѓе со интелектуална самосвест. Но вчера видовме на отворена сцена дека се целосно политизирани, инструментализирани и водени од гнев и омраза, најмногу кон мене и оваа Влада – рече Мицкоски.
Почитуван читателу,
Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не.
Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат.
Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.
ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ
СЛОБОДЕН ПЕЧАТ. Е-БИЛТЕН
НЕ ГУБИ ВРЕМЕ! ЗАЧЛЕНИ СЕ И ДОБИЈ ГИ НАЈВАЖНИТЕВЕСТИ НА НЕДЕЛАТА - БЕСПЛАТНО ВО ТВОЈАТА Е-ПОШТА!
СЛОБОДЕН ПЕЧАТ. Е-БИЛТЕН
НЕ ГУБИ ВРЕМЕ! ЗАЧЛЕНИ СЕ И ДОБИЈ ГИ НАЈВАЖНИТЕВЕСТИ НА НЕДЕЛАТА - БЕСПЛАТНО ВО ТВОЈАТА Е-ПОШТА!
Ослободителната пресуда за Никола Груевски во „Талир 2“ и ослободувањето на новинарот Драган Павловиќ – Латас во „Тотал“ изгледаа како симболичен крај на една ера – ерата на предметите што ги отвори Специјалното јавно обвинителство. Добиј ги најважните вести, бесплатно на Viber Препорачано 1 Ја освоија титулата, а сега на ред се ветувањата – Де …
Понекогаш постојат натпревари кои траат деведесет минути, понекогаш сто и дваесет, а понекогаш остануваат да траат засекогаш. Финалињата не се само битка за трофеј. Тие се пресметка меѓу две филозофии, две генерации и два сона. Светот доби нов шампион. Шпанија го освои Светското првенство, совладувајќи ја Аргентина со минимални 1:0 по продолженијата и со тоа …