Последната скопска вечер на „Танц фест 2026“ носи премиерни изведби на кореографии од Рисима Рисимкин и Адријана Данчевска Ровчанин
Кореографското дело „Трендинг Апокалипса: мачиња и поп-ѕвезди“ е современа танцова претстава што го отсликува гламурозниот хаос на времето во кое живееме – ера водена од самоприкажување, брзи трендови и потрагата по пет минути слава.
Препорачано
Делото се развива преку флуидно и постојано променливо движење, кое ја рефлектира нестабилноста на идентитетот денес, каде родот, стилот и персоната постојано се редефинираат.
Во свет на измешани сигнали и заматени граници, секој копнее да стане сè што е популарно – да се трансформира, да се прилагоди и да блесне под погледот на дигиталната публика. Танчерите се движат низ состојби на гламур, имитација и самоекспонирање, отелотворувајќи аватари, инфлуенсери и сонувачи изгубени во отсјајот на рефлекторите.
Претставата е истовремено и прослава и критика на нашата колективна опсесија со видливоста – огледало на генерација што постојано се изведува себеси во потрага по припадност, релевантност и следниот вирален момент.
Кореографијата е на Адријана Данчевска Ровчанин, а музички продуцент со лајв-сет е Александар Гроздановски – Херцел. Изведувачи се: Џилда Чесарио, Лука Ѓоргиевски, Анастасија Данчевска, Данило Скалинчи, Нина Петрушевска, Тереза Лазарев, Давор Милев.
На визуелните елементи работеше Ивана Мојсовска Головска, анимацијата е на Давид Николовски, стилист е Аника Иловска. Претставата е во продукција на Скопје танцов театар / Интерарт Културен Центар.
Адријана Данчевска Ровчанин е современа танчерка и кореографка, дел од современата македонска танцова сцена, чија работа се движи помеѓу современиот танц, перформансот и визуелниот сценски израз.
Во својата работа таа често истражува теми поврзани со телото, идентитетот, социјалните кодови и современата култура, користејќи физички интензивен и визуелно препознатлив сценски јазик.
Како авторка и изведувачка, таа соработува на продукции што ги отвораат прашањата за современото живеење, видливоста, односите и трансформацијата на личното во сценско искуство.
Премиерата на претставата „Трендинг Апокалипса: мачиња и поп-ѕвезди“ е во 20 часот во Македонскиот народен театар, додека во 21 часот ќе се одржи премиера на претставата „Будење“ со кореографија на Рисима Рисимкин.

„Будење“ е колективна сценска композиција која ги истражува меѓучовечките односи и начинот на кој се формираат, одржуваат и распаѓаат моделите на однесување во современото општество.
Претставата се занимава со структурата на стереотипите и социјалните улоги што ги прифаќаме – често несвесно – и нивната постепена деконструкција. Преку динамичен сценски јазик, телата на танчерите стануваат носители на лични приказни, емоции и внатрешни конфликти.
„Будење“ не е само момент на освестување, туку процес – во кој идентитетите се преиспитуваат, се распаѓаат и повторно се создаваат. Делото ја истражува тензијата помеѓу индивидуалното и колективното, откривајќи како личното искуство станува дел од заедничка сценска реалност.
Преку силна ансамбловска енергија и прецизна кореографска структура, претставата создава интензивно и емотивно сценско искуство што го отсликува современиот човек во процес на постојана трансформација.
Во уметничкиот тим на претставата се Рисима Рисимкин со кореографија и режија, музиката е на Тони Китановски, костимите на Благој Мицевски, дизајнот на сцената е Матеа Мијановиќ, а асистент-репетитор е Сара Димовска.
Изведувачи се: Адријана Данчевска Ровчанин, Дејан Битровски, Анастасија Данчевска, Сара Димовска, Нина Петрушевска, Лука Ѓорѓиевски, Давор Милев, Михаела Колцунова, Теона Ѓуревска, Надја Луканова, Ивона Манасиевска, Елена Терзиева, Миа Петровиќ, Марија Андовска, Мила Ангелова, Аника Андоновска, Анеса Бектеш, Нина Ташкова, Ејул Јилмазчобан, Јана Ѓоршовска, Моника Ѓоргиева, Теона Голчева, Ивана Ралев, Евгенија Павловиќ, Евгенија Симоновска, Небеска Шумковска, Теона Димитриевска, Кристина Петрова, Кристина Коцевска, Мила Атанасова, Ана Митревска.
Претставата ќе биде изведена во рамки на Скопје танцова платформа во продукција на Скопје Танцов Театар. Продуцентот изразува благодарност до ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ – Балетски оддел за соработката.
Рисима Рисимкин е една од највлијателните кореографки и визионерки во современиот танц на Балканот, со повеќе од 45 години активно творештво и бројни меѓународни признанија. Како основачка на Културниот центар „Интерaрт“ (1996) и „Танц фест Скопје“ (2005), таа постави темели на современата танцова сцена во Македонија и го поврза локалниот контекст со европските платформи.
Паралелно со нејзината уметничка кариера, Рисимкин е редовен професор и доктор на науки, на Филмската академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и основач на Катедрата за современ танц, развиена во партнерство со CODARTS – Rotterdam Dance Academy (Холандија). Преку овој програм, создава генерации танчери и кореографи кои денес ја претставуваат македонската танцова уметност на европските сцени.
Нејзиниот авторски пристап се карактеризира со силна физичност, емотивна длабочина и истражување на идентитетот, општествените структури и човековата состојба. Со бројни меѓународни соработки и продукции, таа создава дела кои ја поврзуваат локалната сцена со европскиот контекст.


