Последната песна на „ДНК“, снимена еден месец пред пожарот, има посебна приказна и посвета
Посебна приказна има последниот сингл на „ДНК“, „Фала“, последната песна која Панчо и Андреј ја снимија заедно, а излезе еден и пол месец пред трагичниот пожар во Кочани, во февруари лани.
Препорачано
Кога ја промовираа песната, Панчо и Андреј изјавија дека ѝ ја посветуваат на модната дизајнерка Фросина Кулакова, 22-годишната девојка од Неготино која на 29 јануари 2025 година беше прегазена на пешачки премин во Скопје.
Инаку, дуото претходно ја најави песната на социјалните мрежи со видео во кое нивни пријатели и соработници го кажуваат насловот на песната.
„Оваа песна по својот стил потсетува на звукот од 2000-тите“, рекоа Владимир Блажев-Панчо и Андреј Ѓорѓиески.
Во спотот се појавува и Мартин Атанасовски-Буцо, кој загина во пожарот во Кочани на 16 март лани, заедно со Андреј и повеќето членови на „ДНК“. На крајот од спотот пишува дека е посвета за Фросина Кулакова.
Оваа песна ја напиша продуцентот Лазар Цветкоски, заедно со Панчо. Спотот е снимен во Скопје, во режија на Огнен Шапковски и Кристијан Теодоров.
Владимир Блажев-Панчо почина на 14 октомври лани, по седуммесечна борба во болница.
На шест месеци од трагедијата во Кочани, естрадниот магазин „Бекстејџ“ објави специјална приказна како спомен на Андреј, едно негово интервју кое многу кажува каков човек бил и што му било важно во животот.
„Најважно е да те сакаат, и да го заслужиш тоа, значи треба да ја заслужиш љубовта од луѓето околу тебе. Една од отсликите што јас ги сакам кај мене што ми дава среќа на душава се луѓето коишто ме опкружуваат. Така што, мислам дека за еден човек повеќе говорат луѓето што го опкружуваат, отколку самите тие. Јас апсолутно не мислам на никого додека го правам она што го правам. Би сакал она што го правам, што ме прави мене среќен да го применуваат исто и другите луѓе за и нив да ги прави среќни“, рекол Андреј.


