Поранешни шефови на Мосад и Шин Бет бараат помош од Трамп за „завршување на војната“ во Газа
Речиси 600 поранешни израелски безбедносни службеници, вклучувајќи неколку поранешни шефови на Мосад и Шин Бет , го повикуваат американскиот претседател Доналд Трамп да изврши притисок врз израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да ја прекине војната во Газа.
Препорачано
„Стоп на војната во Газа!“, повикува движењето „Команданти за безбедност на Израел“ (ЦИС) во писмо, потпишано од 550 поранешни раководители и офицери на разузнавањето, војската, полицијата и поранешни дипломати, кое беше објавено синоќа.
„Оваа војна престана да биде праведна војна и ја води Државата Израел кон губење на својот идентитет“, предупредува Ами Ајалон, поранешeн директор на Шин Бет, службата за внатрешна безбедност, во видео емитувано од истото движење како прилог на објавувањето на писмото.
Тројца поранешни шефови на израелската разузнавачка агенција Мосад (Тамир Пардо, Ефраим Халеви, Дани Јатом), петмина поранешни шефови на Шин Бет (Надав Аргаман, Јорам Коен, Ами Ајалон, Јаков Пери, Карми Гилон) и тројца поранешни началници на Генералштабот на армијата (Ехуд Барак, Моше Боги Јалон, Ден Халуц) се меѓу оние што го потпишаа писмото и се појавија во видеото.
„Во име на ЦНД, најголемата група поранешни команданти на армијата, Мосад, Шин Бет, полицијата и соодветните службеници на дипломатскиот кор, ве повикуваме да ја завршите војната во Газа. Вие го направивте тоа во Либан. Време е да го направите истото и во Газа“, е пораката што ја испраќаат до претседателот Трамп.
„ИДФ (израелската армија) одамна ги постигна двете цели што можеа да се постигнат со сила: да ги демонтираат воените структури и владата на Хамас“, оценуваат членовите на ЦНД.
„Третото, и најважно, може да се постигне само со договор: да се вратат заложниците“, нагласуваат потписниците.
„Веруваме, како професионалци, дека Хамас повеќе не претставува стратешка закана за Израел, а нашето искуство ни покажува дека Израел има што му е потребно за да управува со своите преостанати терористички капацитети, од далечина или на друг начин“, се наведува во писмото.
„Идентификацијата на преостанатите високо рангирани офицери на Хамас може да се случи подоцна“, но „заложниците не можат да чекаат“, инсистираат поранешните воени команданти и шефови на разузнавачките служби.
„Вашиот кредибилитет меѓу огромното мнозинство Израелци ја зајакнува вашата способност да го водите премиерот Нетанјаху и неговата влада во вистинската насока“, додаваат тие.
„Завршете ја војната, вратете ги заложниците, запрете го страдањето и формирајте регионално-меѓународна коалиција што ќе ѝ помогне на Палестинската самоуправа (откако ќе се реформира) да им понуди на луѓето од Газа и на сите Палестинци алтернатива на Хамас и неговата перверзна идеологија.“


