Поради блокадата на Ормускиот Теснец, 500 танкери за нафта останаа заглавени во Персискиот Залив
Околу 500 танкери за нафта остануваат во Персискиот Залив поради фактичката блокада на Ормускиот Теснец од страна на Иран од четвртокот, според податоците достапни на страницата за следење на бродови MarineTraffic.com. Податоците за следење покажуваат дека само пет танкери за нафта ја напуштиле областа во последните 24 часа.
Препорачано
Јавно достапните информации не ги вклучуваат бродовите што ги исклучиле своите транспондери, или за да се обидат да избегнат ирански напади или затоа што се дел од таканаречената „флота во сенка“ од танкери за нафта што транспортираат иранска нафта низ Персискиот Залив до клиенти како Русија и Кина- пишува Кликс.ба.
„Кплер“, сопственикот на „МаринТрафик“, претходно оваа недела изјави дека открил нови навигациски нарушувања во близина на Ормускиот Теснец, што би можело дополнително да го прикрие вистинскиот број на бродови заглавени во областа. Во очигледен обид да поминат низ теснецот или да избегнат напади со ирански беспилотни летала, некои од бродовите што останаа во Заливот ги променија своите јавно емитувани податоци за да покажат дека екипажот е индиски, дека бродот е во сопственост на ирачка компанија или дека нивната дестинација е Кина. Овие податоци не се нужно точни, но ги одразуваат опасностите со кои се соочуваат екипажите на странските бродови заглавени во областа.
Петте танкери за кои се вели дека го преминале Ормускиот Теснец летаат под таканаречени знамиња на погодност и се во сопственост на компании со седиште во Индија, Обединетите Арапски Емирати и Турција. Во текот на ноќта во четврток, Центарот за поморски трговски операции на Обединетото Кралство соопшти дека два брода биле погодени од непозната ракета пет наутички милји јужно од пристаништето Басра, Ирак. Видеото подоцна објавено од новинската агенција Тасним, поврзана со иранската Револуционерна гарда, ги покажа двата брода како горат во Персискиот Залив.


