Македонско-грчка граница, ГП „Евозни“ / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Попладне нови блокади на „Евзони“ и „Ники“

Во попладневните часови, грчките земјоделци повторно ќе ги затворат граничните премини Евзони и Ники кон нашата земја, едниот за сообраќај на сите возила, другиот, само за товарни возила, како што е пракса во изминатите денови, додека попладнево се очекува на состанок, земјоделците од цела Грција да се одредат следните чекори.

На Евзони, каде што веќе 18 дена се паркирани над 300 трактори, според грчката новинска агенција АНА-МПА, сообраќајот четири часа ќе биде во прекин, односно од 18 до 22 часот по локално време, како што беше случај и вчера, додека пак на Ники (Меџитлија) товарните возила нема да можат да влезат или излезат од Грција во периодот од 19 до 23 часот, исто така по локално време.

Блокади има и на другите гранични премини, на Промахонас и Ексохи кон Бугарија, но само за камиони.

За 14 часот во градот Серес е закажан нов состанок на земјоделците од цел Грција за да ги одредат нивните следни чекори, дали ќе ја прифатат поканата на Владата за дијалог, но и дали ќе продолжат со блокадите и во текот на следната седмица, за време на Божиќ.

Паралелно, земјоделците продолжуваат и со блокадите на автопатите низ цела Грција поставени на 30 ноември, што во моментов се над 60.

Главниот блок е во централна Грција, кај Никеа, во близина на Лариса, на автопатот Солун – Атина, што е затворенм и сообраќајот се одвива по споредни патишта.

На Евзони, блокадите започнаа на 1 декември кога земјоделците од регионот на Пеонија и од градот Јаница пристигнаа со нивните трактори, кои околу 300 на број остануваат паркирани на грчката страна на границата.

Грчките земјоделци, по состанокот одржан во саботата со учество на претставници од цела Грција, одлучија да не одат на средба со грчкиот премиер, испратија писмо до Владата со нивните барања, кои и јавно ги објавија.

Меѓу другото бараат: итна исплата на сите долгови што им ги должи државата; гарантирани минимални цени кои ќе ги покриваат трошоците за производство; намалување на трошоците за производство; надомест на изгубениот приход за 2025 година за сите производи чии цени паднале под трошоците за производство; запирање на масовните увози и лажно прикажување како домашни на странските земјоделски производи; итно двојно зголемување на земјоделските пензии.

Дополнително, се осврнуваа и на скандалот со ОПЕКЕПЕ, односно скандалот со европските земјоделски субвенции и бараат да се вратат и распределат украдените средства на вистинските корисници, земјоделците да не ги плаќаат казните, но и да се утврдат политичките и кривичните одговорности и јавно да се објават имињата.

Министерот за земјоделство на Грција Костас Циарас во понеделникот ги повика грчките земјоделците на дијалог и ја остави отворена можноста за нови мерки за поддршка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот