Волфганг Хатмансдорфер / Фото: EPA/MAX SLOVENCIK

Политички тензии во Aвстриja: дали коалицијата е на работ на распад?

Тројната коалиција по само осум месеци е сериозно разнишана co меѓусебни конфликти, солирање, пад на рејтинзите и отворените спорни реформи ја доведуваат во позиција каде стабилното мнозинство е под закана. Ако не ги надминат внатрешните тензии и не покажат единство, постои реален ризик коалицијата да се распадне или да ја изгуби владејачката позиција.

По осум месеци работа владината тројна коалиција се соочува со разнишана доверба, зголемени тензии и сè појасни признаци дека заедничкото управување се движи кон критична точка. Последните истражувања покажуваат дека ОВП СПО и Неос веќе не би можеле да обезбедат стабилно мнозинство доколку избори се одржат денес. На хартија тоа значи губење на владејачката позиција, а во јавноста расте впечатокот дека проектот на три партии кои ветија стабилност и заедништво почнува да се колеба. Иако владините претставници повикуваат на трпение и уверуваат дека реформите ќе дадат резултати, во редовите на сите три партии се забележува нервоза, меѓусебни обвинувања и растечка недоверба. Потребата за буџетска консолидација и непопуларните мерки го забрзаа падот на рејтинзите, а со тоа и склоноста на одделни актери да настапуваат солистички со цел да добијат политички поени.

Солистички потези и растечка недоверба

Иако на почетокот партиите се договорија да настапуваат заедно и без јавни конфликти, последните недели покажуваат сосема поинаква слика. Во ОВП незадоволство предизвика иницијативата на министерката за интеграции Клаудија Плаком која без договор со партнерите предложи воведување забрана на носење марама во уставен ранг. СПО веднаш возврати со одбивање што го откри првиот поголем раскол околу теми кои не се дел од владината програма. Од другата страна, во СПО најмногу критики трпи министерот за економија Волфганг Хатмансдорфер кого дел од партијата го обвинува дека повеќе настапува популистички отколку што води системска економска политика. Како пример се наведува неговиот повик за продолжување на даночните олеснувања за прекувремена работа што повторно беше блокирано од СПО поради финансиски недостиг. Ваквите несогласувања создадоа чувство кај социјалдемократите дека тие ја носат најтешката работа, додека партнерите од ОВП паралелно работат на свои политички кампањи.

Ниту Неос не се поштедени од внатрешни и меѓупартиски тензии. Партијата се обидува да го задржи статусот на медијатор меѓу два поголеми партнери но во позадина расте сомнеж дека негативните медиумски приказни за нивниот државен секретар Сеп Шелхорн се поттикнати од ОВП. Дополнителна нестабилност настана кога двајца нивни пратеници одбија да гласаат за проширување на надзорот врз сервисите за пораки. Една од пратеничките поднесе оставка што беше прв случај на отворена непослушност во рамките на коалицијата. Во позадина стои и прашањето дали Неос успева да го одржи својот реформски идентитет или постепено се претвора во прагматичен партнер кој мора да прави компромиси што тешко се објаснуваат на сопствените поддржувачи.

Отворени фронтови, неизвесни реформи и ризик од политичка ерозија

Во следниот период коалицијата се соочува со серија чувствителни прашања кои лесно можат да ја продлабочат кризата. Предлогот, пензионерите кои работат, во пензиски стаж да плаќаат фиксен данок од дваесет и пет проценти создаде отпор кај СПО и Неос кои предупредуваат дека мерката најмногу би ги наградила оние со поголеми приходи. Воедно економскиот сектор бара олеснувањата да важат и за приватните претприемачи што дополнително го усложнува договорот. Втората спорна тема е реформата на социјалната помош која треба да создаде единствен систем во целата држава. ОВП инсистира на пониски семејни додатоци за да не се поттикнува злоупотреба, како и на пониски надоместоци за барателите на азил што според правните експерти е спротивно на уставните норми. СПО предупредува дека вакви решенија не само што се ризични туку и директно спротивни на нивното ветување дека децата мора да се извадат од сиромаштија со основна финансиска сигурност.

Иако има напредок во некои области како образованието, каде што се подготвува задолжителна летна настава и реформа на наставата по германски јазик, голем број проекти сè уште се недефинирани. Реформата на медиумската поддршка е во почетна фаза, како и плановите за реорганизација на надлежностите меѓу државата и локалните власти што би можело да донесе долгорочни заштеди. За овие проекти е потребно целосно политичко единство кое во моментов е поткопано од паднатата доверба меѓу партнерите. Можната судска разврска за шефот на пратеничкиот клуб на ОВП, Август Вегингер, може да ја турне партијата во нова криза и да предизвика барање за негово заминување од страна на СПО и Неос.

Оптимистите во владата тврдат дека коалицијата ќе успее да ја стабилизира ситуацијата и дека економското опоравување ќе донесе подобри рејтинзи. Песимистите пак гледаат ограничени инструменти за реални резултати и стравуваат дека секој напредок ќе се смета како нешто што се случило и покрај владата, а не благодарение на неа. Единствено што сите го делат е сознанието дека шансите за враќање на првото место во рејтингот се минимални. Целта е многу поскромна а тоа е зачувување на мнозинството потребно за управување со државата. Дали коалицијата ќе го издржи овој тест зависи од способноста на трите партии да го надминат сопствениот политички интерес и да испорачаат стабилност што граѓаните одамна ја очекуваат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот