Политичка пресметка или само „чалам“ во Чаир?

ОЈО до вечерва треба да одлучи дали на М.И. ќе му биде одреден притвор или друга превентивна мерка./Фото: МВР

Скопјанецот Мерван Љ., oсомничен за саботниот инцидент во скопската населба Чаир, заврши пред судија на претходна постапка откако пукал со пиштол при контрола од припадници на полиција. Јавното обвинителство (ЈО) и Внатрешната контрола на Министерството за внатрешни работи (МВР) го имаат на увид полицискиот извештај за пукањето пред кафулето „Галакси“, во кое, за среќа, нема повредени.

Од полицијата велат дека полициски службеник од Чаир, во близина на ресторан на улицата „Македонско-косовска бригада“, запрел „мицубиши“ кое имало вклучено „флешери“. Возачот почнал агресивно да се однесува, а за кратко време на локацијата дошол и скопјанецот М.Љ. придружуван од неколкумина негови познаници, па го нападнал полицискиот службеник.

„Набрзо, на местото на настанот пристигнале други полициски службеници, кои биле нападнати од групата. Во еден момент, М.Љ. од под пазувите извадил пиштол и испукал еден куршум во воздух, но бил совладан од полициските службеници и пиштолот му бил одземен. Откако дошле и други лица, меѓу кои и полициски службеници, М.Љ. побегнал. Подоцна, по М.Љ. била распишана потерница, но тој сам се пријавил во полициска станица“, пишува во извештајот на МВР.

За инцидентот бил известен јавен обвинител и Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, а пронајден е и пиштолот, како и видеоснимки од настанот.

Во чаршијата кружат две шпекулации. Според едната, станувало збор за нарушени односи и улична пресметка на членови и симпатизери на ДУИ, а според втората, се расправале две спротивставени групи зад кои стоеле полициски функционери, во која насилник со оружје во рака „докажувал кој е поголем маж“.

Во угостителскиот објект, наводно, имало матурска прослава, со гости полициски функционери. Насилникот пукал со пиштол во воздух откако полициската патрола, во која бил и началникот на ЕВР Чаир, го сопрела неговиот познајник поради незаконско користење „флешери“ на автомобилот. Флешери се ротациски црвено-сини светла, кои се ставаат и на автомобили на МВР без ознаки дека се службени, а ги користат само одредени единици на полицијата.

Сведоци за ТВ Телма велат дека возачот на сопреното „мицубиши“ се претставувал дека работи за заменик-директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) Ариф Асани, кого наводно го повикал по телефон за да влијае на полицискиот началник од Чаир за да не биде приведен. Потоа пристигнала група од најмалку шест лица, кои во името на Асани барале да биде ослободен возачот кој ги злоупотребил „флешерите“. Началникот на ЕВР Чаир Едмунд Муртезани го одбил барањето, а тогаш осомничениот Мерван И. извадил пиштол и испукал куршум. Официјалната верзија е дека пукал во воздух, а според шпекулациите – сакал да го застрела началникот од Чаир, откако имал близок контакт со полицајците. По истрелот тој бил совладан, но сепак успеал да избега.

Една од чаршиските верзии е дека откако заменик-директорот Асани наредил пиштолџијата да биде пуштен, тој слободно си заминал. Втората верзија е дека групата на уапсениот почнала да ги влече полицајците за униформата, со што помогнала осомничениот да избега.

ОЈО до вечерва треба да одлучи дали на М.И. ќе му биде одреден притвор или друга превентивна мерка.

Видео на денот