Поетесата Радмила Петровиќ престојува на книжевна резиденција во Скопје

Српската поетеса Радмила Петровиќ во текот на јули престојува на книжевна резиденција во Скопје. Резиденцијата се реализира во рамките на проектот „Читајќи го Балканот“, кој е поддржан од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија и на европската мрежа за превод и книги „Традуки“.

Радмила Петровиќ е родена 1996 година во Ужице. Завршила Економски факултет во Белград. Како лауреат на 42-те Лимски вечери на поезијата ја објавила збирката песни „Мирисот на земјата“, а како победник на 22-от Поетски конкурс „Десанка Максимовиќ“ и збирката „Целулозен рокенрол“. Нејзината трета збирка поезија „Мајка ми знае што се случува по градовите“ ја објавува во 2020 година. Оваа книга неодамна беше објавена и на македонски јазик од Локалната акциона група „Агро лидер“ во партнерство со ППМ „Енклава“ од Белград.

Поезијата на Петровиќ е застапена и во зборници и онлајн-списанија. Учествувала на многубројни читања на поезија, како и на неколку работилници за креативно пишување. Песните ѝ се преведени на англиски, германски, француски, грчки, македонски, хебрејски и други јазици.

Искреноста на стиховите на Петровиќ ја прават блиска и прифатлива за младата публика. Нејзината поезија на посебен начин го соединува искуството на градот и современите мотиви со поими својствени за традиционалниот селски амбиент, создавајќи еден специфичен меѓупростор во кој ги преиспитува востановените модели на двете средини.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 88, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 10-11 јули 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот