Почнува снимањето на биографскиот филм за Ози Озборн: „Избравме феноменален актер“
Биографскиот филм за животот на Ози Озборн со години беше еден од оние проекти за кои се чинеше дека засекогаш ќе останат само добра идеја. Постојано најавуван, одложуван и речиси заборавен, сега конечно добива сериозен замав. Шест месеци по смртта на легендарниот музичар, неговиот син Џек Озборн потврди дека филмот влегува во клучна фаза и дека актерот кој ќе го отелотвори „Принцот на темнината“ веќе е избран, пишува „Дигитал спај“.
Препорачано
При неодамнешно гостување, Џек откри дека проектот, кој во студиото „Сони Пикчрс“ се развива веќе шест години, влегол во нова продукциска фаза.
„Со полна брзина ја започнавме следната фаза од развојот на овој филм. Станува збор за игран филм на кој работиме со ‘Сони’ веќе шест години“, изјави тој и додаде:
„Го избравме актерот и засега не можам да откријам кој е, но станува збор за навистина, навистина феноменален актер. Имаме и режисер, а моментално работиме на нова верзија на сценариото.“
Иако животот на Ози бил сè, само не мирен, филмот нема да биде уште една типична рок-биографија исполнета со дрога и хаос. Семејството Озборн од самиот почеток сака во центарот на приказната да биде односот меѓу Ози и Шерон Озборн – врска која, и покрај сè, била темел на неговиот опстанок и кариера. Дејството ќе го опфати периодот од 1979 до 1999 година, од неговото заминување од „Блек Сабат“, преку почетокот на соло-кариерата под водство на Шерон, до нивната бурна, но нераскинлива љубов.
Сценариото го потпишува Ли Хол, авторот на „Били Елиот“ и биографскиот филм за Елтон Џон „Рокетмен“, што дополнително ги зголемува очекувањата. Шерон претходно јасно стави до знаење дека публиката не треба да очекува „испеглана“ холивудска верзија на реалноста.
„Нашата врска понекогаш беше дива, луда и опасна, но нашата неуништлива љубов нè одржа заедно. Не сакаме филмот да биде излизган и чист како ‘Боемска рапсодија’. Не го правиме за деца. Ова е филм за возрасни“, изјави таа без задршка.


