Почнува првото стечајно рочиште за Еуростандард банка

Скопје, 13 август 2020 / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Доколку е завршена постапката за достава на табелата на доверителите со оспорени побарувања, на 6 ноември во Основниот граѓански суд Скопје треба да се одржи првото стечајно рочиште за побарувањата од Еуростандард банка. Стечајот го води Душко Тодевски, а банката ја изгуби дозволата за работа пред речиси три месеци.

Според податоците од НБРСМ, во Еуростандард банка имало повеќе од 2.000 сметки на фирми, со дури 13 милиони евра. Свои сметки имаа и 136.000 домаќинства, кои во банката чувале  99,3 милиони евра или вкупно 112,3 милиони евра. Според регулативата, депозитите на домаќинствата до 30.000 евра се исплаќаат преку Фондот за обезбедување депозити и досега се исплатени околу 80 проценти од штедачите. Останатите депоненти со влогови над 30.000 евра ќе чекаат наплата од стечајната маса.

Во изминативе три месеци оштетените штедачи освен што протестираат, „водат војна“ со зборови со Народната банка и со поранешниот сопственик. Иако побараа, не беше донесен закон со кој државата би ги обесштетила, а потоа таа би си наплатила од стечајната маса.

-Извештајот од стечајниот управник покажува дека во време на пандемија сме оставени на немилост на државата, крадците од банката и фирмите преку кои се делеле нашите пари. Фактите од извештајот покажуваат и дека оваа стечајна постапка нема да биде ниту брза ниту лесна токму поради огромниот криминал којшто е направен. Поради сето тоа, државата мора да најде начин да не обесштети нас депонентите, а потоа да влезе во стечајната маса и да расчисти со криминалот и да ја впаричи стечајната маса и преку наплата на личниот имот и имотот на семејствата на крадците од банката, а и сите други што биле вклучени во криминалот – наведуваат од Здружението.

Оттаму додаваат дека такви и слични примери има многу во европските земји, кои во целост ги обесштетиле граѓаните и фирмите депоненти на пропаднати банки.

Утрово Здружението на оштетени штедачи соопшти дека ќе бара и официјално уште едно презакажување со цел да се даде доволно време на Уставниот Суд да се произнесе позитивно во врска со поднесената иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 163 став 3 од Законот за Банки.
Воедно со иницијативата е поднесено и посебно барање за изречување на Привремена Мерка  со која се запираат од извршување сите подзаконски акти, како и сите поединечни дејствија што се превземени врз основа на горе наведениот член од законот за банки, се до конечната одлука на Уставниот Суд, соопштуваат од Здружените на оштетени штедачи.

Во меѓувреме, ОЈО поднесе две кривични пријави против одговорните лица во Банката. Здружението кое ги застапува 780-те штедачи со депозити над 30.000 евра, до Уставен суд поднесе иницијатива за оценување на уставноста на член 163 став 3 на Законот за банки, со кој се дава предимство за целосна наплата од стечајна маса на банка од Фондот за осигурување на депозити.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот