Почина легендарниот реге-тапанар Слај Данбар, музичарот кој го одбележа звукот на Боб Марли и Боб Дилан
Двократниот добитник на наградата Греми, прочуениот јамајкански реге-тапанар Слај Данбар, чиј препознатлив ритам стои зад безброј песни – од Боб Марли до Боб Дилан – почина на 73-годишна возраст. Тој беше едната половина од влијателното дуо „Слај и Роби“ (Sly & Robbie).
Препорачано
Веста за неговата смрт за весникот „Џамајка Глинер“ (Jamaica Gleaner) ја потврди неговата сопруга Телма.
Заедно со басистот Роби Шекспир, Слај Данбар го сочинуваше легендарниот тандем „Слај и Роби“, познат и како „Близнаците на ритамот“ (The Riddim Twins). Тие оставија неизбришлива трага на реге-класиците на Блек Ухуру, Џими Клиф и Питер Тош. Нивната работа одекна и надвор од Јамајка, привлекувајќи уметници како Грејс Џонс и групата „Ролинг Стоунс“.
„Слај и Роби“ учествуваа на три албуми на Грејс Џонс: „Warm Leatherette“, „Nightclubbing“ и „Living My Life“. Тие свиреа и на четири албуми на Серж Генсбур, како и на три изданија на Боб Дилан: „Infidels“ (1983), „Empire Burlesque“ (1985) и „Down in the Groove“, (1988).
„Не постојат зборови што можат да ја опишат мојата болка поради смртта на мојот пријател и легенда“, напиша на Фејсбук пејачот на групата „UB40“, Али Кемпбел. „Современите ритми немаше да бидат тоа што се денес без влијанието на реге- и денсхол-основите (dancehall riddims) кои Слај практично сам ги постави.“
Во својата посвета, списанието „Ролинг Стоун“ (Rolling Stone) истакна дека „Слај и Роби“ биле ненадминати мајстори на својот занает, носејќи суптилен, опуштен, но исклучително цврст ритмички пристап. Роби Шекспир почина во 2021 година.
Данбар свиреше и со групата „Револушнрс“ (The Revolutionaries), домашниот состав на студиото „Ченел Уан“ (Channel One) на Јамајка, додека паралелно имаше интензивна концертна активност. Неговиот потпис се слуша и во песни како „Police and Thieves“ на Џуниор Марвин, „Easy to Love“ на Макси Прист, класиката „Double Barrel“ на Дејв и Ансел Колинс, како и во „Punky Reggae Party“ на Боб Марли.
Тој беше номиниран за наградата Греми вкупно 13 пати, а ја освои двапати: во 1985 година, кога Блек Ухуру со албумот „Anthem“ ја доби првата награда за најдобро реге-издание, и во 1999 година, кога албумот „Friends“ на „Слај и Роби“ беше прогласен за најдобар реге-албум.


