Почина демократскиот конгресмен Силвестер Тарнер
Демократскиот конгресмен и поранешен градоначалник на Хјустон Силвестер Тарнер почина вчера, среда, на 70-годишна возраст, неколку часа откако присуствуваше на пленарната седница на Конгресот за да го следи говорот на американскиот претседател Доналд Трамп.
Препорачано
Тарнер ја претставуваше 18-тата конгресна област на Тексас во Претставничкиот дом на САД. За пополнување на местото, ќе се одржат избори во округот што тој го претставуваше.
Силвестер Тарнер беше градоначалник на Хјустон од 2016 до 2024 година и беше избран во Конгресот минатата година за да го пополни местото на Шила Џексон Ли, која почина минатиот јули на 74-годишна возраст.
Без да ја прецизира причината за смртта, претставник на починатиот конгресмен рече дека Тарнер го гледал целиот говор на претседателот Трамп во Конгресот, кој траеше речиси 100 минути. Потоа отишол во болница и набргу потоа се вратил во својот дом, каде што починал.
Претставничкиот дом има уште две слободни места, кои претходно ги имаа републиканците Мет Гец и Мајк Волц, двајцата од Флорида. Во нивните окрузи на 1 април се закажани избори, на кои се очекува повторно да надвладеат републиканците.


