Орце Ѓорѓиевски - Локални избори 2025 / Фото: Драган Митрески - Слободен печат

Победа со огромна недоверба – колку е силен мандатот на Орце?

Иако Орце Ѓорѓиевски ја освои градоначалничката функција во Скопје, бројките откриваат загрижувачка слика за интересот на граѓаните. Со поддршка од нешто над 20 проценти од избирачите, победата изгледа повеќе како предупредување отколку како триумф. Ниската излезност и рекордниот број неважечки ливчиња ја отвораат дилемата: дали Скопје навистина избра, или едноставно се повлече од политиката?

Победата на Орце Ѓорѓиевски на локалните избори во Скопје повторно го отвори прашањето за реалната изборна поддршка на градските власти. Со освоени 95.572 гласа од вкупно 474.304 запишани избирачи, новиот градоначалник дојде до функцијата со поддршка од нешто над 20 проценти од сите скопјани со право на глас.

Бројките покажуваат дека излезноста била значително пониска од претходните изборни циклуси. На изборите во 2021 година, на пример, Данела Арсовска освоила 118.749 гласови. Во 2017 година Петре Шилегов имал 141.164 гласови, а неговиот противкандидат Коце Трајановски 101.471 гласови. Уште порано, во 2013 година, Трајановски победи со 124.455 гласови. Во споредба со овие резултати, поддршката за Ѓорѓиевски е помала и укажува на намалена мобилизација на гласачкото тело во главниот град.

Ако се соберат гласовите на Ѓорѓиевски и неговиот противкандидат Амар Мециновиќ, се добиваат 157.047 гласови. Ова значи дека дури 317.252 гласачи не излегле на избори или го поништиле ливчето.

Како што објави Државната изборна комисија (ДИК), речиси секое шеснаесетто гласачко ливче во Скопје било неважечко.

Во Град Скопје има вкупно 10.528 неважечки гласачки ливчиња, што претставува 6,3 отсто од вкупниот број“, соопшти ДИК.

Ваквиот податок ја покажува растечката апатија и недоверба во изборниот процес, тренд кој не е карактеристичен само за Скопје, туку и за други општини во земјата.

Податоците од изборните циклуси јасно покажуваат дека ниската излезност станува константа, особено во услови на долготрајна политичка поларизација и намалени очекувања дека изборите носат видлива промена во секојдневието.

Во јавната дебата, посебно внимание предизвика изјавата на членот на Извршниот одбор на СДСМ, Андреј Жерновски, кој го става легитимитетот на победникот под знак прашалник.

– Од 470 илјади гласачи колку што има Скопје, кандидатот на кој му честитате има 90 илјади. Тука во прашање доаѓа легитимитетот. Тоа е порака што треба да се прими – изјави Жерновски, оценувајќи дека ниската излезност треба да биде сигнал за сите политички субјекти.

Жерновски во својата анализа додаде дека овие избори се одвивале во атмосфера во која, како што посочи, „тројца опозиционери“ се натпреварувале за довербата на граѓаните, бидејќи и кандидатите на СДСМ и на Левица, како и Ѓорѓиевски, настапувале во критички тон кон досегашната градска администрација.

Тој, исто така, реагираше на првите изјави на новиот градоначалник, додавајќи дека ветувањето дека „градот ќе се исчисти за 72 часа“ отвора прашања за досегашното функционирање на системот и координацијата меѓу институциите.

Ниската излезност во Скопје не мора нужно да значи недостиг на интерес за политиката, туку може да се толкува и како резултат на општа недоверба во можноста за промени. Па така, во последните години дел од граѓаните избираат да останат пасивни, сметајќи дека ниту една опција не нуди реални решенија за урбаните проблеми на градот.

За Ѓорѓиевски тоа претставува повеќе предизвик отколку триумф. Победата е формална и политички валидна, но не и убедлива во однос на обемот на поддршката.

Градот очекува видливи резултати во краток рок, а јавноста, која во голем дел се воздржа од гласање, веројатно ќе биде критична кон секоја грешка или неисполнето ветување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот