По сторијата на „Слободен печат“: Обвинителството и полицијата оформија предмет за бебето што почина на ГАК по 20-минутна реинтубација
По истражувачката сторија на „Слободен печат“ со наслов „Скандал на ГАК: Сомнителна смрт на бебе скриена од семејството – педијатарка го реинтубирала 20 минути“ Јавното обвинителство Скопје во координација со СВР Скопје оформи предмет за да го провери настанот. Сторијата е базирана на интерни документи создадени на Клиниката, во коишто е забележано дека началничка на одделот за интензивна нега пријавила педијатарка од одделот дека „нејзиното несоодветно лекување предизвикало компликации од кои умрело бебето“.
Препорачано
Основното јавно обвинителство Скопје во координација со СВР Скопје оформи предмет врз основа на јавно објавените информации и ќе бидат преземени сите дејствија за проверка на настанот, информираат од ОЈО Скопје за „Слободен печат“.
Дополнително, по објавениот текст, Министерството за здравство иницираше вонреден инспекциски надзор до Државниот санитарен и здравствен инспекторат со цел да се утврдат околностите и да се расветли случајот. Потоа, како што велат од Министерството, ќе следува и стручен надзор.
Пред да ја објави оваа сторија, „Слободен печат“ ја имаше неверојатно непријатната улога, на семејството на починатото новороденче да му ги покаже интерните документи од Клиниката за гинекологија и акушерство кои ги добивме од свиркачи, а во кои се наведува сомнежот за негово несоодветно лекување и предизвикување компликации – нешто што на семејството воопшто не му било кажано при исписот на мајката од болница.
-По смртта на син ми, специјализантката ни рече да не го оставаме овој случај така, дека нешто на ГАК не било во ред со лекувањето, се присети таткото на бебето кога зборуваше со нашата редакција.
Етички, за нашата редакција беше неможно да работиме на објавувањето на оваа сторија знаејќи дека семејството не е запознаено со интерните преписки кои самите сведочат за сомнежи за пропусти во лекувањето кои довеле до смрт на бебето, но и сведочат дека Клиниката не била транспарентна кон семејството, па дури и се обидела да го заташка случајот, односно да го држи зад бројни затворени врати.
Иако некои светски протоколи налагаат предвреме родено бебе да се реинтубира во временски период од 30 секунди, конкретното новороденче кое живеело само три дена, според пријавата на началничката – било интубирано дури 20 минути а притоа му било распарчено грлото.
„По примопредавањето на првата смена на 1.10.2025 и преземањето на дежурството од страна на д-р Бадева околу 15 часот, истата донела одлука да го реинтубира новороденчето, постапка која што траела безуспешно со повеќекратни обиди за интубација дури 20 минути, при што е повреден ларинксот и предизвикан е супкутан енфизем во вратната регија и десностран масивен пнеумоторакс, што довело до дестабилизирање на новороденчето, кое и по поставувањето на торакалната дренажа од страна на дежурните детски хирурзи и дополнително ординираната медикаментозна терапија, завршило со егзитус леталис (смрт).
Во потврдата која што е издадена на родителите од починатото новороденче, како и барањето за обдукција се наведени неточни податоци за тежината на општата состојба на новороденчето, наведено е спонтано настанување на пнеумотораксот и никаде не е евидентирано дека биле изведувани повеќекратни обиди за реинтубација во период од 20 минути што довело до дестабилизација и дополнителни компликации кај новороденчето како непосредна причина за негов егзитус“, пишува во пријавата доставена до директорката на ГАК Папестиев, а упатена од примариус д-р супспецијалист Елизабета Петковска, началничка на одделот за интензивна нега.
Пријавата е датирана и архивирана во Клиниката за гинекологија на 13.10.2025 година. Две специјализантки, кои што биле присутни за време на ова неуспешно реинтубирање на бебето, дале свои изјави во болницата.
-Јас бев сведок на повеќекратни неуспешни обиди за реинтубација која траеше околу 20 минути, време за кое се јавија компликации и супкутан емфизем и масивен пнеумоторакс. По што бебето ѝ беше дадено на помладата колешка специјализант д-р Мевљане Ислами. За цело време сестрите и ние ѝ сугериравме на д-р Бадева да не го интубира детето, а потоа кога веќе правеше обиди за реинтубација а тоа траеше подолго од времето кео што е дозволено, бебето го препушти на д-р Мевљане, но таа не не послуша, напишала во изјава специјализантката д-р Кочова Деспина која била присутна.
Изјава до директорката напишала и другата специјализантка.
-Постапката за реинтубација траеше 20 минути пропратена со повеќекратни неуспешни обиди. Потоа докторката ми го препушти новороденото јас да го интубирам, но при процедурата забележав дека постои крварење на ларинксот а детето имаше розов поткожен емфизем и развиен масивен пнеумоторакс, напишала втората специјализантка д-р Мевљане Ислами Лимани.
Документацијата покажува дека се работи за бебе со солидна тежина – 2.630 грама родено во 36 гестациска недела со царски рез. Бебето било префрлено на интензивна нега зашто имало респираторен дистрес, но исклучени биле кардиопатија и патолошко нарушување на срцевиот ритам.
Клиниката за овој случај расправала на внатрешната Комисија за квалитет. Видно од двата записника со кои располагаме, се одржале 2 состаноци на оваа комисија поврзани меѓу другото и за овој случај.
Едниот од нив се случил на 28.10.2025 година. Комисијата за квалитет тогаш заклучила:
„По однос на пријавата на примариус д-р Елизабета Петковска за м-р Емилија Бадева, а и фактот дека дел од вработените на Одделот за неонатологија (доктори и сестри) имаат изјавено во неколку наврати дека д-р Бадева често мириса на алкохол, комисијата согласно препораките до директор од претходниот состанок препорачува дотичната педијатарка да се префрли на одделот за новородени и да дежура на опсервација. Комисијата ја советува управата да наложи на вработените да пријават состојба кога постои сомнение за алкохолизирана состојба на докторката и да се предупреди колешката дека во секој момент може да биде испитана лабораториски“.
Но, не постои ниеден закон што му овозможува на директор да тестира доктори за алкохол и други супстанци и затоа овие препораки на Комисијата за квалитет се само слово на хартија и про-форма разгледување на случајот без вистински да се испита што се случило.
Министерот за здравство Азир Алиу, откако изби скандалот со тогашниот директор на Клиниката за неврологија (Игор Кузмановски) кој беше снимен како меша бела прашкаста материја, рече дека поддржува промена на законите за да може да се озакони тестирањето за супстанци во болниците, но иако е прв човек во здравството, не направи ништо ова да се спроведе.
Комисијата за квалитет во ГАГ, исто така, во записник од 17.10.2025 година констатирала дека „во потврдата која што е издадена на родителите од починатото новороденче како и барањето за обдукција се наведени неточни податоци за тежината на општата состојба на новороденчето, наведено е спонтано настанување на пнеумотораксот и никаде не е евидентирано дека биле изведувани повеќекратни обиди за реинтубација во период од 20 минути што довело до дестабилизација и дополнителни компликации кај новороденчето како непосредна причина за негов егзитус“.
Докторката Бадева тврди дека наводите за алкохол се чиста клевета, ги доживува како мобинг на работно место и вели дека не пие алкохол ни дома, а уште помалку на работа. Според неа, бебето било во тешка состојба, таа во ниту еден момент не направила грешка во реанимацијата и спасувањето на новороденчето. Не се согласува ниту со времетраењето наведено во внатрешната пријава од нејзината раководителка поткрепена со изјавите на специјализантките – тврди дека самата реинтубација траела помалку од 20 минути и цело време била „на чекор да успее“.
„По примопредавањето на дежурството, бидејќи новороденчето беше во тешка општа состојба со брадикардична срцева акција до 70 проценти, во минута, веднаш направив рентген на бели дробови каде се гледа респираторен дистрес синдром од 4-5 степен и решивме да му ординираме уште една доза „куросурф“. Претходно новороденчето има примено една доза „алвеофакт“. Затоа е пристапено кон реинтубирање и новороденчето во текот на реинтубирањето прави десностран масивен пнеумоторакс. Веднаш е повикан детски хирург, професор Тодоровиќ, и му постави дрен. Целата постапка траеше 30-тина минути од интубирањето до поставувањето на дренот. По поставувањето на дренот новороденчето останува во тешка состојба и вклучен е адреналин. Ова е повторено неколку пати, по што новороденчето се враќаше со срцева акција и добра сатурација“, напишала Бадева.
Таа додала дека наодот можело да оди во прилог на менингитис.
Обдукцискиот наод на новороденчето не е готов ни два месеца по неговата смрт. Ова е „нормална“ состојба и наодите за обдукција некогаш се чекаат половина година и повеќе, поради малиот број патолози во Македонија.
Од Клиниката за гинекологија и акушерство денеска испратија „демант“ во кој непотпишаниот автор ја обвини нашата редакција за сензационализам и шпекулативни наводи, и покрај тоа што сите наводи се базирани врз основа на внатрешни документи создадени од самата Клиника. Поради задржување на транспарентноста и угледот на нашиот медиум, принудени сме во текот на денот да ги објавиме документите со цел јавноста самата да процени дали текстот е „шпекулативен“ или демантот не е демант туку очајна пи-ар стратегија.
Демантот на ГАК не е демант туку очајно обвинување на професионалното новинарство


