Клиника за гинекологија и акушерство/ Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Демантот на ГАК не е демант туку очајно обвинување на професионалното новинарство

Редакцијата на „Слободен печат“ со индигнација ги отфрла наводите во таканаречениот „демант“ од ЈЗУ Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство во врска со истражувачкиот текст на нашата новинарка Мирослава Симоновска со наслов „Скандал на ГАК: Сомнителна смрт на бебе скриена од семејството – педијатарка го реинтубирала 20 минути“, а кои се однесуваат на тоа дека „наводите во текстот се шпекулативни и упатуваат на лекарска грешка“, како и неоснованото обвинување упатено од непотпишаниот автор на таканаречениот демант дека тој „ја разбира потребата за сензационализам на сметка на човечка трагедија воден од потребата за читаност“. Ова е особено бесрамно во ситуација кога нашата новинарка беше единствената што го информирала таткото на починатото новороденче дека случајот е разгледуван од Комисијата за квалитет на Клиниката.

„Слободен печат“ е професионален медиум со информативна редакција која брои повеќе од 30 професионални новинари кои што секојдневно и без исклучок работат на теми од висок јавен интерес, дури и во случаи кога со таа работа го ризикуваат личниот комфор. Граѓаните кои гледаат неправилности во постапувањето на лица поставени на високи функции кои ги водат државните институции особено оние од здравството, својата доверба ни ја доверуваат нам, во надеж дека неправилностите ќе бидат исправени, а процедурите ќе бидат испочитувани.

Во тој контекст, и покрај тоа што денеска на ЈЗУ ГАК е почната детална интерна постапка за притисок и утврдување на управата кој/кои се лицата кои до редакцијата на „Слободен печат“ ги доставија документите врз основа на кои е базиран и напишан нашиот текст од авторката Мирослава Симоновска, сепак тоа нема да ја спречи нашата редакција и понатаму да застанува во заштита на јавниот интерес, во заштита на основните човекови права и слободи, да бара одговори на прашања дури и по цена на страшни притисоци и крајна неодговорност и нетранспарентност на институциите. Дополнително, сакаме да ја известиме управата на Клиниката, дека ниту на суд нема да ги откриеме нашите извори.

Од ЈЗУ ГАК невистинито наведуваат дека „по разгледување на случајот Комисијата за квалитет немала утврдено пропусти во третманот на новороденчето“. Напротив, документот (во прилог) кој го добивме од свиркачи, покажува дека токму Комисијата за квалитет при ГАК констатирала дека „интубацијата траела дури 20 минути“ при што е повредено грлото и предизвикан е поткожен енфизем во вратот со масивен пнеумоторакс“. Дополнително, истата внатрешна Комисија за квалитет на ГАК посочила дека „во потврдата која е издадена на родителите од починатото новороденче, како и во барањето за обдукција се наведени неточни податоци за тежината на општата состојба и наведено е спонтано настанување на пнеумотораксот и никаде не е наведено дека биле изведувани повеќекратни обиди за реинтубација во период од 20 минути што довело до дестабилизација и дополнителни компликации како непосредна причина за негова смрт“. 

Ова Комисијата за квалитет при ГАК го навела на архивиран документ на Клиниката со реден број 02-123/17 од 17.10.2025 година на записник. Ова е спротивно на наведеното во таканаречениот „демант“ на ГАК дека „Комисијата за квалитет нема утврдено пропуст во третманот на новороденчето“.

Во врска со наведеното во дописот од ГАК дека следниот чекор е обдукцијата која уште не е готова, тоа се наведува и во текстот од авторката Симоновска, со дополнување дека поради малиот број на патолози, обдукциските наоди некогаш не се готови со месеци, па и години.

Следствено, нашата редакција базирано на пријавата од началничката за вработената педијатарка на интензивна нега, ја извести јавноста дека – началничката ја пријавила педијатарката дека „нејзиното несоодветно лекување предизвикало компликации од кои умрело бебето“ заедно со втората страна на педијатарката и изјавите од специјализантките кои биле присутни на настанот.

 

Разочарува фактот што на некои челници на државни институции не им се потребни професионални туку послушни новинари, не им е потребно професионално туку неконфликтно новинарство, кое ќе молчи, ќе држи микрофони и ќе замижува пред очигледните прашања.

По сторијата на „Слободен печат“: Обвинителството и полицијата оформија предмет за бебето што почина на ГАК по 20-минутна реинтубација

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот