Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство /Фото: МИА

Демант од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство

Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство (ГАК) испрати демант до редакција на „Слободен печат“ за нашата сторија со новороденчето кое починало на оваа клиника и причините за неговата смрт.

Според информациите до кои дојде „Слободен печат“, бебето починало на интензивна нега на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, на 1 октомври годинава, а смртта на семејството му била претставена како нешто што не можело да се спречи. Документите до кои дојде „Слободен печат“ покажуваат дека внатре во болницата, самата началничка на одделот за интензивна нега, д-р супспецијалист Елизабета Петковска, ја пријавила педијатарката од одделот, д-р Емилија Бадева дека „нејзиното несоодветно лекување предизвикало компликации од кои умрело бебето“.

Еве ја во целост реакцијата од ГАК:

„ЈЗУ Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство е акредитирана установа од терцијарно здравство и истата претставува најголемо родилиште во државата со најголем број на пациентки, како и најголем број породувања на пациентки со ризична бременост.

Клиниката располага со најсовремено одделение за интензивна нега и терапија за предвреме родени деца, како и најсовремени услови за третман на деца кај кои ќе дојде до несакани компликации. Клиниката располага со стручен и професионален кадар, педијатри неонатолози и среден медицински персонал со чиј несебичен секојдневен ангажман се спасени голем број новородени деца.

Наводите во дневниот весник Слободен печат се шпекулативни и упатуваат на лекарска грешка при лекување на новородено бебе во неонаталната интензивна нега. Со цел да не се шират понатаму дезинформации, сакаме да ја информираме јавноста следново:

Клиниката за Гинекологија и акушерство има законски пропишан протокол кој го следи во случај на смрт на новородено бебе. Протоколот предвидува разгледување на случајот на комисијата за квалитет, која во овој случај нема утврдено пропуст во третманот на новороденото. Следниот чекор е законски пропишана обдукција која во овој случај не е се уште готова, па согласно тоа не може да се дојде до финален заклучок дали постоело или не пропуст во лекувањето на новороденчето. Обдукциониот наод е единствен и конечен во проценката дали или не постоела грешка при лекувањето на било кој пациент, а истото важи и за овој конкретен случај. Согласно наведеното, до добивање на наодот од обдукцијата клиниката не смее да превземе никакви понатамошни чекори во овој конкретен случај. Во однос на пријавата за несоодветно однесување на докторката во одредени моменти за време на работното време веднаш е постапено согласно препораката на началничката на одделението и истата е прераспределена на друго работно место.

Ја разбираме потребата за сензационализам на сметка за човечката трагедија воден од потребата за читаност, но таа потреба не смее да биде поголема од потребата да се дознае вистината, а вистината е дека по настанувањето на случајот од страната на ГАК преземени се сите мерки и постапки за објективна истрага, нештитејќи никого. Во овој момент се чекаат наодите од обдуциската анализа и секое толкување на можниот исход значи прејудицирање односно предвремено носење на заклучоци. Секако ако се утврди лекарска грешка ќе бидат преземени најстрогите мерки.

Во овие моменти на тага и неизмерна болка на родителите поради доживеаната загуба, за која како професионалци, но пред се како луѓе, жалиме и сочувствуваме со семејството, замолуваме во јавноста да не се шират дезинформации кои ќе внесат дополнителен немир пред се кај семејството, но и пошироката јавност“ се вели во демантот.

Скандал на ГАК: Сомнителна смрт на бебе скриена од семејството – педијатарка го реинтубирала 20 минути

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот