По нови стандарди се уредени тротоарот и пешачката патека кај Градска болница

Во обид да го подобри квалитетот на широките тротоари и велосипедските патеки на булеварот „11 Октомври”, „8 Септември”, „Партизански одреди”, „Даме Груев” , Град Скопје воведува нови стандарди за одржлива урбана мобилност.

Ова денеска го најави градоначалникот Петре Шилегов.

Тој појасни дека велосипедската патека и тротоарот се доволно широки и физички одвоени со жардињера со средишно зеленило или со дрворед за кои е поставен систем за наводнување капка по капка.

Велосипедската и пешачката патека од коловозот, како што рече, се одвоени со заштитни столпчиња што дополнително ја зголемува безбедноста на пешаците и велосипедистите.

За пешачките патеки исфрлени се од употреба плочките што брзо се оштетуваат и користен е печатен бетон кој е поотпорен како материјал и како таков поволен за пешачење.

– Мојата идеја е дека во следните две децении нашиот град треба да стане град со одржлив развој, град во кој надвор од автомобилскиот, секако мора да имаме соодветна инфраструктура и на алтернативниот сообраќај, пред се на велосипедскиот и на пешачкиот, рече Шилегов на прес-конференција.

Според градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, ова е само еден доказ како се поставуваат одредени стандарди за уредување не само за коловозните ленти, туку и местата кои се наменети за пешаци.

– Сакам да напоменам за патеката по која би се движеле лицата со оштетен вид, ќе видите на кој начин се изведени, а сетете се претходно како беа изведени со едни пластики кои сега воопшто ги нема или се откорнати. Нешто се правело само ради ред, а не со почитување на некои норми. Ова е нешто што ќе остане трајно и засекогаш пред се на граѓаните на општина Центар но и на граѓаните на Скопје кои ги користат овие сообраќајници, рече Богдановиќ на денешната прес-конференција.

Додаде дека не треба да се инвестира само во субвенционирање и стимулирање на алтернативниот превоз, како што е користење на велосипеди за кои и градот и општината дава субвенции,туку потребно е да се изгради и инфраструктура.

-Јас сум среќен што на територија на општина Центар се повеќе и повеќе се ослободуваат пешачките патеки односно тротоарите, и на овој начин се воспоставува можност да сите останати кои се движат низ територија на општина Центар да можат да имаат современи услови за да го користат, а за тоа ее пример овие стази и овие пешачки патеки, истакна Богдановиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот