Насловна корица на француското издание на збирката „Не одам никаде“

По „Мојот маж“, францускиот гигант „Галимар“ ја објави и збирката раскази „Не одам никаде“ од Румена Бужаровска

Престижната француска издавачка куќа „Галимар“ го објави своето издание на збирката раскази „Не одам никаде“ од писателката и универзитетска професорка Румена Бужаровска, информираат од Издавачкиот центар „Три“.

– Француското издание на „Не одам никаде“ од Бужаровска следува откако претходно „Галимар“ ја објави и „Мојот маж“, додавајќи го своето издание на листата од петнаесет преводи на збирката што оствари и шест театарски продукции во земјава и странство – посочуваат од „Три“.

Основана во 1911, а од 1919 година позната под името „Библиотека Галимард“, францускиот издавач е една од највлијателните издавачки куќи на дваесеттиот век, каде се објавувани дела на Марсел Пруст, Жан Пол Сартр, Албер Ками…

– Задржувајќи го своето реноме и денес, „Галимар“ е издавач кој преку своите внимателно избрани изданија ги запознава француските читатели со писатели добитници на Нобеловата награда за книжевност и со современи гласови кои автентично го пренесуваат духот на времето – истакнуваат од „Три“.

Збирката раскази „Не одам никаде“, по изданијата во САД, Турција, Унгарија, Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина и Франција, во март ќе добие и шпански превод во издание на „Импедимента“, додека, пак, „Мојот маж“ го очекува и својот бразилски превод во издание на „Тодавиа“.

– И додека расказите на Бужаровска продолжуваат да ги освојуваат светските читатели, македонските читатели веќе го читаат второто издание на „Тони“, нејзиниот прв роман, кој со својата брутална карикатуралност ќе ве насмее и ќе ве налути, поттикнувајќи чувство на лична одговорност, тема за која сите денес би требало повеќе да размислуваме – посочуваат од „Три“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот