По контроверзниот закон за странски агенти, САД воведуваат визни ограничувања за Грузија
САД објавија нова политика на визни ограничувања за жителите на јужнокавкаската република Грузија, откако тамошната влада го усвои контроверзниот закон за откривање странско финансирање.
Препорачано
Стејт департментот спроведува нова политика за ограничување на визниот режим за Грузија која ќе се однесува на поединци одговорни или соучесници во поткопувањето на демократијата во Грузија, како и на членовите на нивните семејства, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
Според Блинкен, ова ги вклучува лицата одговорни за потиснување на граѓанското општество и слободата на мирно собирање во Грузија преку кампања на насилство или заплашување.
И покрај масовните протести, грузиската влада минатата недела одобри закон со кој се сака да се ограничи странското влијание врз невладините организации, со заострување на одговорностите на хуманитарните организации и независните медиуми кои добиваат повеќе од 20% од својот приход од странски извори.
Противниците на законот стравуваат дека тој би можел да се искористи за прогон на дисидентите, по пример на меѓународно критикуваниот закон против странски агенти во Русија.
Блинкен, исто така, наведе „јасни индикации за кампања на заплашување и употреба на насилство за да се потиснат мирните протести“, додавајќи дека и законот и репресивните тактики ја поткопуваат грузиската демократија и основните слободи на кои грузискиот народ има право.
Државниот секретар на САД додаде дека Вашингтон ќе ја разгледа и билатералната соработка со Тбилиси.
Законот се уште не е на сила, затоа што грузиска претседателка Саломе Зурабишвили стави вето, иако парламентот може да го отфрли.
Европската унија, исто така, силно го критикуваше законот и предупреди дека може да ги уназади напорите на Грузија да стане членка на Унијата.


