По две години и прегледи кај 10 лекари ја добила дијагнозата: Сѐ почнало како осип на раката…

Фото: Принтскрин/Твитер

Танеја Сарлес ја сподели својата приказна за дијагностицирањето на автоимуната болест – лупус. Девојката сменила 10 лекари, а секој пат кога добивала погрешна дијагноза, дополнително ја губела самодовербата, за на крај да стане и депресивна.


– Се сеќавам точно на моментот кога мојот живот, како здраво дете, целосно се промени; тоа се случи веднаш по летото 2011. Тоа лето последен пат се чувствував нормално во мојата кожа, тогаш за првпат се појавија осипите кои ми го одбележаа животот – вели Танеја Сарлес, пишува „Бизнис инсајдер“.

Тоа биле првите месеци од прва година средно училиште. Забележала мали, црвени кругови на десната рака. Нејзиното семејство најпрво мислело дека е каснување од бубачка, па пробале со масти и лосиони да го спречат чешањето. Кога тие масти не делувале, почнале да пребаруваат на интернет за да откријат за што се работи. Во текот на следните неколку недели, некогаш малите плускавци значително се зголемиле и почнале да се спојуваат на подлактицата. Не само што изгледало грдо, туку по извесно време станало и болно.

– Откако пробав неколку третмани без рецепт, мојот осип не исчезна. Направивме сѐ што можевме сами, па мајка ми реши да ме однесе на педијатар. По прегледот кај педијатарот, ја добив само првата во низата погрешни дијагнози – лишаи. Добив рецепт за лек и ме испратија дома – вели Танеја.

По околу еден месец дошла на преглед во уште полоша состојба. Осипот не се повлекол, почнал да се шири низ телото и да предизвикува уште поголема болка. Педијатарот ја упатил на локален дерматолог за понатамошно лекување.

– Во тој момент не знаев дека ќе бидат потребни уште две напорни години, безброј прегледи и 10 различни лекари за да ја добијам дијагнозата. Се сеќавам на мојата прва посета на дерматолог со мајка ми. Тоа беше постар господин во приватна канцеларија која изгледаше како да не била реновирана од 1970-тите. Поминаа околу четири или пет месеци од почетокот на осипот. Додека дерматологот ми ги прегледуваше раката и лицето – на кои, исто така, се појави осип – тој заклучи дека имам прстенест гранулом, состојба на кожата што предизвикува осип или испакнатини кои формираат прстенест примерок по целото тело – објаснува Танеја.

Во тоа време, нејзината самодоверба целосно исчезнала. Таа вели дека секој ден на училиште носела иста црна качулка и одбивала да ја соблече дури и кога било жешко. Почнала да купува коректор и пудра за да ги покрие осипите на лицето.


Кортикостероидните кремови кои дерматологот ѝ ги препишал за лекување сè уште не делувале, а ѝ се чинело дека и дијагнозата е неточна.

Девојчето вели дека осипот се влошил и се проширил на градите, нозете и стапалата. Не само што осипот ѝ ја одзел самодовербата, туку таа станала депресивна.

Исто како и педијатарот, така и дерматологот без одговор ја упатил на друг дерматолог. Посетите кај овој дерматолог оставиле и трајни лузни бидејќи побарал биопсија на лицето што оставила трајни лузни на челото. Ниту потоа не добила дијагноза. Последната препорака била да остане под набљудување на тим на експерти.

Еден месец по набљудувањето, таа добила дијагноза. По прегледот на наодите од биопсијата и крвта, тие дошле до заклучок дека Танеја има лупус и Сјогренов синдром, состојба која обично се појавува со други автоимуни болести.

Тазнеја сега веќе знае сѐ за својата болест, но го осудува здравствениот систем кој го забавил процесот на поставувањето на нејзината дијагноза.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот