Платите во „Државни патишта“ надминаа 1.000 евра додека стагнира приватниот сектор
Прoсечната месечна нетo плата по врабoтен во Јавното претпријатие „Државни патишта“ (ЈПДП) надминала 1.000 евра уште во текот на ланската година. Тоа најверојатно било овозможено од големата добивка и од високите приходи што се наплаќаат од патарините, регистрациите на возила и од акцизите од горивата, како и од другите услуги, објави „Фактор“.
Препорачано
Од сите јавон достапни документи, на страната на „Државни патишта“ во последно време единствено се објавени само кварталните извештаи за работењето на ЈПДП во текот на 2024 година, пишува порталот, а таму пишува дека во последното тромесечие од минатата година просечната нето плата изнесувала 64.913 денари за 500-те вработени.
Во однос на последниот квартал од претходната година таа е зголемена за околу 120 евра. Тогаш просечната нето плата по вработен се движела во просек по 57.735 денари. Треба да се каже дека станува збор главно за административен кадар, советници и инкасанти на наплатни рампи. „Државни патишта“ е само инвеститор во изградбата на националните автопати и регионалните патишта, се додава во текстот на „Фактор“, а реализацијата ја остваруваат домашни и странски изведувачи, ангажирани преку повици.
Во евиденцијата на Министерството за финансии за 2025 година има резултати од ова јавно претпријатие само за првиот квартал. ЈПДП во јануари, февруари и март 2025 остварило добивка поголема од 30 милиони евра, а приходите за овие три месеци изнесувале 55 милиони евра.
Во август 2025 година просечната месечна исплатена нето-плата во земјата изнесува 45.310 денари ( околу 737 евра) и е зголемена за 10,3 отсто во однос на истиот месец лани, главно поради зголемувањата во јавниот сектор. Ваквото зголемување, според статистика, се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: „дејности на здравствена и социјална заштита“ за 14,6%, „образование“ за 14,5% и „административни и помошни услужни дејности“ за 14,1%.
Друштвото кое остварува приходи генерално од патарини, акцизи на гориво, провизии од регистрации и евентуално државни субвенции, најголемиот дел од трошоците го насочува за враќање на ратите и каматите од кредитите од меѓународните кредитни институции кои ја финансираат изградбата на македонските патишта. Во делокругот на работата е и изградбата, се додава во статијата на „Фактор“, реконструкција и рехабилитирање на магистралните и регионални патишта, а дел од приходите се наменети за нивно одржување преку исплата на јавното претпријатие порано познато како „Македонија пат“.
Инаку ЈПДП со своите приходи и евентуална добивка не ја покрива работата на конзорциумот „Бехтел и Енка“, чии првично проценети трошоци ќе изнесуваат 1,3 милијарди евра, туку парите се директно обезбедувани од националниот буџет.


