Платформата „Силата ЕУ младите“ ќе ги промовира интересите на младите прогресивни и креативни луѓе во земјава

Платформата започнува со активности на 26 јануари

Платформата „Силата ЕУ младите“ е креирана од дискографската куќа „ПМГ Рекордингс“ од Скопје со мисија да детектира, ангажира и промовира квалитетни автохтони младински движења, музички бендови, диџеи и поединци од Македонија. Активностите на платформата се во организација на дискографската куќа „ПМГ Рекордингс“ и здружението „Крај Вардарот“.

Концептот на платформата е да ги препознае прогресивните и креативни млади луѓе, кои со своето творештво и делување во јавната сфера промовираат напредни вредности. Младите денес се граѓани на светот, а својот профил го градат преку образование, комуникација и соработка во локален, европски и глобален контекст.

Соочени со предизвикот дека не постои соодветна средина за развој, подобар квалитет на живот и актуализација на вредностите кои тие ги застапуваат, „Силата ЕУ младите“ ќе им отвори шанса да бидат вреднувани за да можат да напредуваат и ќе ги мотивира да останат да живеат во земјава.

Платформата започнува со активности овој викенд со два музички настани во едукативниот културен центар „Лабораториум“ во центарот на Скопје.

Во петок, 26 јануари, во 21 часот, со концерт во живо ќе се претстави бендот „Црно собрание“ од скопската гимназија „Никола Карев“, развиен како дел од проектната активност (училишни бендови) на наставничката Емилија Ристановска. Покрај неколку настапи во Скопје, бендот минатата година одржа и концерт во Белград, во „Дом Омладине“, на регионалната смотра на средношколски бендови „БГ Инвазија“.

Во сабота, 27 јануари ќе се реализира дневна клупска забава (Newcomers Day Rave) во соработка со најмладиот урбан колектив кој промовира млади таленти од македонската електронска сцена „ОВЦ Колектив“ (OVC Kolektiv) на која ќе настапат четири диџеи од колективот. Младите ќе можат да танцуваат од 12 до 17 часот на единствената од ваков тип дневна клупска забава.

Платформата „Силата ЕУ младите“ во следниов период најавува серија различни културно-уметнички настани, кои ќе се документираат, ќе ги поддржат и презентираат современите движења и продукцијата на младите денес. Платформата ќе понуди и дискусии и поткасти за да се степенува важноста на интересите, потребите, предизвиците и вредностите кои ги тангираат надоаѓачките генерации.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот