„Пики блајднерс“ за последен пат на ТВ-екраните

Instagram

Од Британскиот јавен сервис (Би-би-си) потврдија дека е почнато снимањето на епизодите на последната сезона на серијата „Пики блајндерс“, која уште по првото прикажување во 2013 година се здоби со култниот статус меѓу гледачите.

Instagram

Приказната за ноторната банда од Бирмингам и нејзиниот водач Томи Шелби беше прекината во моментот кога тој, во улога на пратеник на Парламентот, пропушта да го убие водачот на Фашистичката партија на Британија, а воедно и министер во Владата, Освалд Мозли.

Во последната сцена Шелби го потпре пиштолот на главата, а неговото самоубиство се чинеше како најлогичниот излез од невозможната ситуација во која тој се најде. Но, да не заборавиме дека тој и претходно се соочуваше со невозможни ситуации.

– Пики се враќаат во голем стил. Откако бевме приморани да го откажеме снимањето поради пандемијата, продолжуваме со сторијата каде што запревме. Фамилијата никогаш не била во поголема опасност. Мислам дека ова ќе биде најдобрата сезона досега и дека нашите фанови ќе уживаат – изјави Стивен Најт, креатор на серијата.

Тука не е крајот

Instagram

Иако е потврдено дека шестата сезона ќе биде воедно и последната, сепак, тука нема да биде крајот на „Пики блајндерс“. Самиот Најт потврди дека завршува ТВ-проектот, но сторијата ќе продолжи да се развива во друга форма.

Не е експлицитно потврдено, но најверојатно „Пики блајндерс“ ќе продолжи да „живее“ на филмското платно, а засега во подготовка се најмалку два филма.

Светот на „Пики блајндерс“ ќе продолжи да живее – напиша на социјалните мрежи извршниот продуцент Керин Мандабах.

Секако дека чувствата на фановите во моментов се измешани. Тие се радуваат на снимањето на новите епизоди, но се тажни дека тие ќе бидат последни во серијата. Сепак, најавата за филмовите го подигнува оптимизмот кај гледачите, кои не се подготвени да се простат од омилените ликови.

Фикција што ја прикажува реалната слика

„Пики блајндерс“ е фикциска приказна, која сепак дава извонреден приказ за состојбите во Велика Британија помеѓу двете светски војни.

Војниците од победничката војска се враќаат дома за да паднат на дното од сиромаштијата, во измачената од војна земја, каде што елитата продолжува да владее според добро востановените принципи на империјата.

Сиромашните квартови набргу стануваат водени од криминални синдикати, составени од семејства што немаат што да загубат и единствениот начин на егзистенција го гледаат во криминалот.

Но, тоа не е лесен живот. Семејствата се во постојана борба за територии, а полицијата е само добро платен статист. Приказната добива голем пресврт, кога во животот на мафијашите ќе се вмеша високата политика.

Во оваа серија настапија големи актерски имиња. Покрај главниот актер Цилијан Марфи, во епизодите ги видовме и Сем Нил, Том Харди, Едријен Броди и Ана-Тејлор Џој.

Instagram

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот