Тонино Пицула / фото: EPA-EFE

Пицула: Србија е во „длабоко црвена“ боја по многу клучни области, медиумската слика е застрашувачка

Известувачот на Европскиот парламент за Србија, Тонино Пицула, изјави дека реформите во Србија значително се забавиле, дека медиумската слика е застрашувачка, како и дека следните избори без спроведување на препораките за подобрување нема да бидат фер. Тој исто така изјави дека политиката на ЕУ за гледање низ прсти и наметнување стабилност како алиби не дала резултати, објави Н1.

Најновиот извештај за Србија, кој вчера беше презентиран јавно за првпат, беше оценет од јавноста како многу поостар од претходниот.

„Острината или критичноста на овој нацрт-извештај за ситуацијата во Србија во изминатата година е одраз на ситуацијата што постои, како во Србија, така и во однос на ставот на Србија кон нејзината декларирана цел – приклучување кон ЕУ. Во претходната година не забележавме дека јазот меѓу Србија и Брисел е намален. Ова можеме да го видиме од многуте јавни изјави на највисоките функционери на Србија дека тие, пред сè, не гледаат во ЕУ партнер кој треба да ги елиминира различните демократски дефицити во самата земја преку воспоставена методологија за пристапување. Пред сè, тоа е важно поради трансформативната моќ што пристапувањето кон ЕУ ја има врз земјите кандидатки“, оцени Пицула.

Тој истакна дека Србија е во „длабоко црвена“ боја по многу клучни параметри што објективно го мерат напредокот.

„Ова сигурно не е заслуга на институциите на ЕУ или ЕП, туку последица на однесувањето на српските власти кон сè што треба да се промени во Србија со години, и неприфатлив став кон институциите на ЕУ, каде што номинално сака да биде Србија“, рече тој.

Пицула потсети и на посетата на претставниците на Европскиот парламент на Белград кон крајот на јануари, кои дојдоа да ја проценат ситуацијата во Србија, велејќи дека биле пречекани „јасно непријателски… и тоа остава трага“.

Тој додаде дека овој нацрт-извештај е одраз на ставот на српските власти кон европските претставници и нивниот долгорочен став кон ваков Белград.

„Се надевам дека во продолжението на работата ќе се договориме за документ што би послужил како добронамерен водич за тоа што мора да се промени во Србија“, рече тој.

Сепак, тој изјави дека нема да ги игнорира позитивните работи што можат да се стават во извештајот.

„Но, има толку многу негативно и лошо што се случи во односите меѓу Белград и Брисел во последната година“, рече Пицула.

Тој, исто така, оцени дека Србија е на еден вид пресвртница, како и дека „нејзиното декларирано придржување кон ЕУ не може да се види во пракса“.

„Ќе биде сè потешко за Србија да биде сфатена сериозно кога станува збор за нејзиниот европски пат, бидејќи тоа не се одразува во она што го прави владата“, заклучи тој.

На прашањето дали ќе се сретне со претседателката на српскиот парламент Ана Брнабиќ, која денеска доаѓа во Брисел за да разговара, меѓу другото, со европската комесарка за проширување Марта Кос, тој вели дека не знае ништо за нејзиното доаѓање, дека не бил поканет на состанокот и дека не присуствува на состаноци на кои не е поканет.

„Доаѓаат непоканети, не сакам да ги видам“, порача Вучиќ за најавената посета на европратениците

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот