„Доаѓаат непоканети, не сакам да ги видам“, порача Вучиќ за најавената посета на европратениците
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денес изјави дека не сака да разговара со делегацијата на Европскиот парламент, чие пристигнување во Белград е закажано за 22 јануари, додавајќи дека не помислува да губи време со нив, пренесува Н1.рс.
Препорачано
„Не сакам да ги видам и да разговарам со нив“, изјави Вучиќ пред новинарите во Абу Даби, каде што присуствуваше на официјалното отворање на Неделата на одржливост.
Тој рече дека никој не ја поканил делегацијата на Европскиот парламент во Србија, туку сами одлучиле кога ќе дојдат без притоа да ги прашаат домаќините.
„Јас не можам да дојдам кај вас на слава или на прослава за Нова година ако вие не ме поканите во својот дом. Ние не ги поканивме нив. Тие сами одлучиле да дојдат непоканети и во тој период. Јас во тој период, од пред пет месеци, имам закажани обврски во Давос, кои ќе бидат многу важни, ќе видите со кого сè ќе имам средби“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека не ги избегнува европратениците, туку не сака да разговара со нив.
„Не ги избегнувам. Не сакам да се сретнам ниту со (Тонино) Пицула, ниту со (Владимир) Пребилич, ниту со сите нив. Не ми паѓа на памет да губам време“, рече Вучиќ.
На прашањето дали ќе има последици, Вучиќ рече: „Ќе има ужасни последици, ќе донесат уште една декларација или резолуција“.


