Петар Богојески / Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Петар Богојески тврди дека мајка му била несовесно лекувана на Кардиологија, медицинска сестра го пријавила во МВР, а полицијата во билтен го впиша како да е 79-годишен

Политичарот Петар Богојески тврди дека неговата мајка била непрофесионално третирана како пациентка на државната Клиника за кардиологија, поради што, како што вели, ѝ бил загрозен животот, состојбата ѝ се влошила и морала да биде примена на друга клиника, во тешка состојба во која ѝ бил загрозен животот.

Тој вели дека поднел кривична пријава против вработена на Клиниката за кардиологија, како и против други лица од болницата, за кои бара МВР и Обвинителството да утврдат евентуална инволвираност, поради, како што тврди: основани сомненија за злоупотреба на службената положба и овластување, непружање итна медицинска помош на лице во животно загрозувачка состојба, несовесно и нехумано постапување кон болно и немоќно лице, дејствија и пропусти со кои е влошена здравствената состојба на пациентот и е загрозен неговиот живот, одбивање да се постапи по професионална и медицинска обврска, непостапување по насоки на доктор и прекин на преглед надвор од здравствен протокол, овозможување привилегиран пристап на друго лице на штета на пациент во животно загрозувачка состојба, вербални навреди и закани кон болно лице и членови на неговото семејство, како и предизвикување трајни и непоправливи последици по здравјето на пациентот.

Богојески исто така вели дека иницирал постапка за заштита од дискриминација по основ на политичко уверување, и на етничка и верска припаднос, од страна на вработени во Клиниката за кардиологија, спрема пациент во животно загрозувачка состојба.

Вчера во билтенот на МВР беше забележан инцидент на Клиниката за кардиологија и пишуваше дека медицинска сестра пријавила човек со иницијали П.Б. за упатување закани, но тој беше наведен како 79-годишен.

На 19.03.2026 во 2 часот и 20 минути по полноќ, во СВР Скопје М.И. (42) од кумановско пријави дека на 18.03.2026 околу 23 часот и 35 минути додека била на работното место како медицинска сестра на Клиниката за кардиологија во комплексот клиники „Мајка Тереза“, П.Б. (79) од Скопје, кој бил во придружба на женско лице кое дошло на преглед, упатувал закани кон неа и кон друг вработен. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, пишува во билтенот на Министерството за внатрешни работи објавен на страницата на МВР.

МВР за „Слободен печат“ потврди дека пријавениот е Петар Богојески, а за тоа што е претставен во билтенот како 79-годишник, велат дека е техничка грешка, бидејќи политичарот е роден во 1979 година.

Ваквиот развој на настаните доаѓа само 20 дена по смирувачките најави на министерот за здравство Азир Алиу, дека „на државна Кардиологија сега помалку ќе се чека и дека административните пречки за пациентите ќе бидат намалени“. На 1 март годинава, Клиниката за кардиологија и Клиниката за кардиохирургија се споија во една установа, потег кој предизвика контроверзии односно шпекулации дека причината е недостиг на кадар. Особено зашто на државна Кардиохирургија, во последниот период на нејзиното постоење пред спојувањето, иако беше државна здравствена установа од стратешки интерес за Македонија – немаше анестезиолози, бројот на операции беше намален, а анестезиолози повремено се увезуваа од Белград.

„Слободен печат“ минатиот месец доби дојава од свиркачи на државна Кардиологија пак, кои тврдеа дека интензивната нега се реновира предолго, а во меѓувреме преостанати се само 9 кревети за интензивно лекување за пациентите.

ЕКСКЛУЗИВНО: „Слободен печат“ открива што содржи извештајот за смртноста на државна Кардиохирургија

 

Интензивната нега на државна Кардиологија „живурка“ со само 9 кревети

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот