ЕКСКЛУЗИВНО: „Слободен печат“ открива што содржи извештајот за смртноста на државна Кардиохирургија

Кардиохирургија / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Смртноста на државната Клиника за кардиохирургија е зголемена во 2023 година споредено со 2022 година, покажува извештајот од спроведениот стручен надзор изготвен од стручна комисија, а по налог на министерот за здравство Илир Демири.

„Слободен печат“ ексклузивно дојде до овој извештај преку Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. На извештајот од стручниот надзор се потпишани членовите на стручната комисија,  доц. д-р Никола Граматниковски, проф. д-р Горан Кондов, д-р Лилјана Ристовска Деспотовска, Стојанчо Стојковски, Жаклина Чагороска и прим. д-р Сузана Маневска.

По сумирањето на резултатите се констатира трендот на морталитетот каде е најголемото интрахоспитално зголемување во 2023 година и се бележи во групата на елективни кардиохируршки операции од 13 на 29 пациенти (13 во 2022 година, а 29 во 2023 година).

Ова констатирање е направено без да се навлегува во стручноста и постапувањето за време на периоперативниот период, поставувањето индикации, операција, интензивното лекување, постоперативната рехабилитација за што е потребно анализа за секој пациент поединечно од мултидисциплинарен тим кој вклучува повеќе специјалности како специјалист анестезиолог, кардиолог, интензивист, покрај кардио и васкуларен хирург“ пишува во извештајот за смртноста до кој дојде „Слободен печат“.

Според извештајот, во 2022 година на Државна Кардиохирургија починале 37 пациенти кои биле оперирани, а во 2023 година починале 58 пациенти кои биле оперирани. Споредбата на починатите е за следните интервенции: васкуларна аорта, кариолошка аорта и кардиохируршка операција.

Комисијата предложила мерки за Државната клиника за кардиохирургија, со точни рокови за отстранување на недостатоците.

Меѓу нив стои тоа „менаџментот на ЈЗУ УК за државна кардиохирургија заедно со стручниот колегиум да подготват акционен план со временска рамка и предлог мерки за континуирано намалување на стапката на морталитет и унапредување на квалитетот на здравствените услуги, подобрување на тимската работа и меѓусебната координираност, понатамошно стимулирање и мотивација на вработените за подобрување на меѓучовечката комуникација и своите работни перформанси и истиот да го достават до Министерството за здравство, имајќи предвид дека најдобрите современи здравствени системи се базираат и успешно го промовираат концептот на тимска работа“.

Исто така Комисијата дала мерка да се води редовно и уредно електронска евиденција на пациентите со креирање на отпусни писма за секој пациент.

– Во историјата на болест задолжително да се чува отпусното писмо за пациентот и изјавата за прифаќање односно одбивање на определена медицинска интервенција од страна на пациентот пополнета на соодветен образец согласно член 14 од Законот за заштита на правата на пациентите, пишува во Извештајот од стручниот надзор.

 

Разлики во смрноста меѓу 2022 и 2023 година има кај кардиохируршките операции, покажува извештајот од стручниот надзор. Во 2022 година починал 21 пациент кој бил опериран кардиохируршки, а во 2023 починале 38 пациенти што имале кардиохируршка операција.

Комисијата разгледала информации од повеќе извори за зголемената смртност на пациенти во оваа јавноздравствена установа. Тие извори се Националниот електронски здравствен систем „Мој Термин“, од направен увид во оперативни дневници (за кардиохирургија и за васкуларна хирургија), како и копии од истории на болест за починати и отпусни писма.

Дополнително се добиени податоци од евиденција за починати лица која ја води установата како и квартални извештаи што установата ги доставува до Центарот за јавно здравје Скопје.

„При увидот во електронската евиденција констатирано е дека нема креирано електронско отпусно писмо во досието за сите пациенти. Во двете години недостасуваат голем број на отпусни писма. Исто така не е водена точна електронска евиденција за извршените хируршки интервенции. Од овие причини вкупниот број на операции е добиен од хируршките дневници на установата. Дополнително е направен увид и во отпусните писма кои за починатите лица се доставени во хартиена форма“ пишува во извештајот кој го поседува „Слободен печат“.

Од увидот во медицинската евиденција и документација, констатирано е дека ЈЗУ УК за државна кардиохирургија не доставува до Министерството за здравство секој месец известување за пациентите кои се починати во болничката установа предвидено во член 270 од Законот за здравствена заштита.

Согласно одредбите од овој член смртта на секој пациент мора поединечно да биде разгледана од страна на стручниот колегиум на здравствената установа. По изјава на директорот, стручниот колегиум ги разгледува случаите но за тоа не постои писмен доказ бидејќи не се води писмена евиденција односно записник од состаноците.

Медицинската документација на пациентот со мислењето од стручниот колегиум понатаму треба да биде проследено до Комисијата за квалитет која задолжително треба да се состанува еднаш месечно и да ја разгледува документацијата а потоа да достави мислење за секој починат пациент поединечно до МЗ најдоцна до крајот на месецот кој следува после месецот во кој настапила смртта на пациентот.

Од страна на ЈЗУ УК за кардиохирургија вакви извештаи не се доставуваат од причина што на клиниката не е формирана и не постои комисија за квалитет предвидена во членот 236 од Законот за здравствена заштита“, се наведува во извештајот од стручниот надзор.

Во извештајот, во мерките се предлага ЈЗУ Клиника за кардиохирургија за најкраток можен рок, не подолг од еден месец, да формира Комисија за квалитет на ниво на здравствената установа согласно членот 235 и 236 од Законот за здравствена заштита.

 

Шокаровски има различна математика за смртноста на Кардиохирургија од онаа на Демири

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот