Кардиологија / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Интензивната нега на државна Кардиологија „живурка“ со само 9 кревети

Само 9 кревети има на Интензивна нега на Клиниката за кардиологија, алармира за „Слободен печат“ извор од болницата, кој додава дека таа се реновира подолг период, а половина од креветите на интензивна нега се недостапни за пациентите. Докторот информира за загрижувачки состојби – дека пациентите биле отпуштани дома порано отколку што треба за да може да се опслужат други, но и дека самото реновирање е во застој. Од Клиниката за кардиологија ги демантираат наводите дека пациентите биле предвремено испишувани од интензивна нега, а за деталите околу реновирањето и уште колку време тоа ќе трае, не препратија во проектната единица на Министерството за здравство, од каде молчат.

Сите информации „Слободен печат“ се обиде да ги провери колку што е можно, со испраќање официјални прашања до Клиниката и до Министерството за здравство, а ја контактиравме и директорката д-р Даница Петкоска Спирова на службениот телефонски број.

-Мислам дека е криминал една година да се реновира половина Оддел за интензивна нега. Во Македонија има две добро опремени со кадар и опрема единици за интензивна нега – КАРИЛ и Интензивна нега на Кардиологија. КАРИЛ се занимава повеќе со тешки повреди, коматозни пациенти, а интензивната нега на Кардиологија е наменета првенствено за тешки кардиолошки пациенти од цела Македонија. Да ја оставиш цела држава со 9 кревети за мене е тежок криминал за кој ниту некој чувствува одговорност ниту некој го интересира. Една година се реновира, а последните 3 месеци буквално ништо не се работи. Проблемот е што нема места, се оставаат пациенти да чекаат по болници од други градови, се поставуваат стентови по 3-4 дена кога веќе на срцето има направена штета, односно произведуваме инвалиди-пациенти со срцева слабост. Исто така, се брза да се испразнат кревети, да се примат други итни пациенти и се скратува траењето на интензивен надзор а пациентите кои потоа пак имаат последици. Ако ова не е пример за загрозување на здравјето на народот, не знам што повеќе да кажам. Самото мое присуство таму ме прави соучесник и не можам да издржам повеќе и затоа ви пишувам, вели нашиот извор.

Други извори од болницата под услови на анонимност (но со познат идентитет на редакцијата), тврдат дека ова е делумна вистина, но не целосна. Велат дека и покрај тоа што интензивната нега функционира со половичен капацитет, сепак третманот на пациентите е според протокол и нема здравствени последици за нив. Единствено пред околу 1 недела, кога морало да се дезинфицира одделението, во текот на 24 часа интензивната нега воопшто не работела, туку пациентите биле препраќани на други места затоа што просторот морало да се исчисти од бактерии. Тие ни рекоа дека имало застој во проектот со реновирањето, зашто кога се сменила директорката, таа побарала ревизија на проектот. Утринава на колегиум на докторите им било кажано дека проектот е одобрен и реновирањето ќе продолжи. На одделот според нив имало и 6 кревети за пост-интензивна нега.

Од Клиниката, од Министерството и од директорката побаравме повеќе информации кои се однесуваат на детали околу реновирањето, неговото времетраење, капацитетите со кои располагаат и како Клиниката се справува со напливот на тешки пациенти, дали има протокол за препраќање, како ги коментираат наводите дека пациентите предвремено добиваат испис, како и кога ќе заврши реновирањето. Прашавме дали сметаат дека реновирањето предизвикува загрозување на правото на пациентите во животозагрозувачка состојба да добијат соодветен третман.

Од ЈЗУ Универзитетската Клиника за кардиологија, велат дека реновирањето на Одделот за интензивна нега е превземено од Министерството за здравство односно Проектната единица.

За сите прашања поврзани со ова Ве молиме да се обратите до Министерството за здравство. Третманот на пациентите се одвива според важечките протоколи и стандарди . Пациентите со итна и животно загрозувачка состојба се згрижуваат согласно медицинските индикации и утврдените приоритети. Одлуките за прием, хоспитализација односно испис на пациентите се носат исклучиво врз основа на медицинска проценка од страна на стручен тим , водејќи се од начелото за максимална безбедност на пациентите и грижа за нивното здравје. Досега на клиниката нема претставка од пациент ниту од Државниот санитарен инспекторат. Ваквите тврдења  ја загрозуваат довербата во јавното здравство, го нарушуваат интегритетот на клиниката како и угледот на лекарите кои макотрпно работат  во интерес на пациентите, велат од ЈЗУ Клиника за кардиологија.

Според објавеното на страницата на болницата, Одделот за интензивна нега има капацитет од 18 кревети, кои се поврзани со централен мониторинг за 24 часовно следење на неинвазивни и инвазивни хемодинамски параметри. Според нашиот извор, во функција се само 9. Исто така, наведено е дека одделот за интензивна располага со 13 доктори и специјалисти, 8 апарати за механичка вентилација, преносен ехокардиографски апарат и апарат за гасни анализи.

На овој оддел треба да се овозможи 24-часовна грижа на најтешките форми на срцеви заболувања.  Тука се мисли на стабилизација и лекување на акутна исхемична болест на срцето, акутно настаната срцева слабост, болести во спроводниот систем на срцето како и други животозагрозувачки состојби од срцево потекло. Кај најтешките пациенти, покрај медикаментозниот третман се овозможува вклучување на механичка вентилација, поставување на привремен пејсмејкер и инвазивни линии за следење хемодинамски параметри.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот