Фото: EPA-EFE/ZURAB KURTSIKIDZE

„Пет минути до диктатура“ – како Грузија скршна од својот западен пат?

Пред нешто повеќе од една година, разни опозициски коалиции се бореа за гласови во парламентот на Грузија, од кои четири освоија мандати, пренесе Данас.

Денес, од осумте главни лидери, сите освен еден се во затвор, во егзил или се соочуваат со кривични пријави. Владејачката партија има за цел целосно да забрани три главни опозициски групи, пишува „Ројтерс“.

Падот во еднопартиски систем ги шокира многумина во оваа мала земја на Јужен Кавказ, со 3,7 милиони жители. Во годините по распадот на Советскиот Сојуз, Грузија делуваше како демократија во подем, на брз пат кон приклучување во ЕУ и оддалечување од рускиот влијание.

Но сега, Грузија е подалеку од Западот отколку во кој било момент од нејзината постсоветска историја, според оценка од Брисел, која ги опиша нејзините демократски институции како оневозможени, а судовите под контрола на државата.

Оваа година, ЕУ во извештај напиша дека Грузија е кандидат за членство „само номинално“. Амбасадорот на ЕУ во Тбилиси изјави дека Грузија повеќе воопшто не е на патот кон приклучување кон блокот.

Искусни ветерани на грузиската политика и дипломатија кои разговарале со „Ројтерс“ за настаните во изминатите неколку месеци рекле дека изгледа како Грузија да е блиску до граница преку која ќе биде тешко демократијата повторно да оживее.

„Пет минути до диктатура“

„Сега сме пет минути оддалечени од диктатура“, рече Серги Капанадзе, поранешен заменик-министер за надворешни работи и заменик-претседател на парламентот до 2020 година.

Натали Сабанадзе, поранешна амбасадорка на Тбилиси при ЕУ до 2021 година, рече дека во текот на децениите чести остри внатрешни политички судири, секогаш постоел политички консензус дека Грузија припаѓа на Запад. Тој консензус сега е изгубен.

„Тие знаат дека демократизацијата, која ја бара ЕУ, значи прифаќање на фактот дека во некој момент ќе ја изгубите власта“, рече таа за владејачката партија Грузиски сон. „Тие тоа не го сакаат. И тие практично градат целосно развиен авторитарен режим“.

Грузиски сон тврди дека ја штити земјата од опозициски фигури кои се обидуваат да ја преземат власта и да предизвикаат катастрофална војна со Русија.

Стравот стана опиплив по руската инвазија врз Украина во 2022 година, која на Грузијците им ги врати сеќавањата на руските тенкови што во 2008 година се движеа низ предградијата на Тбилиси, во понижувачки пораз од Москва во кратката војна.

„Грузија е остров на мирот во многу тежок геополитички регион“, рече Нино Цилосани, пратеничка на владејачката партија и заменик-претседател на парламентот. „Она што инвеститорите и бизнисите го бараат е стабилност“.

Таа ги обвини опозициските политичари во затвор дека се обидуваат да планираат пуч, обвиненија кои опозициските партии ги отфрлаат како фабрикувани за да се оправда ударот врз нив. Противниците го прикажуваат милијардерот и основач на Грузиски сон, Бидзина Иванишвили, како автор на авторитарниот пресврт. Некои го обвинуваат дека е во сојуз со Русија, каде што го стекнал своето богатство во текот на 1990-тите.

Гија Кукашвили, кој помогнал во основањето на партијата како главен политички советник на Иванишвили пред да се разделат во 2013 година, рече дека е погрешно да се гледа на неговиот поранешен шеф како подреден на Москва.

Наместо тоа, тој рече дека Иванишвили едноставно гледа „поклопување на интереси“ меѓу земјите.

Економијата се врти кон Русија и Кина

Стратешки сместена на Црното Море, во регион пресечен со нафтоводи и гасоводи, Грузија би можела, теоретски, да игра значајна улога во обидот на Западот да ги диверзифицира енергетските и трговските рути подалеку од Русија.

По излегувањето од етничките конфликти и економскиот колапс што го следеше падот на Советскиот Сојуз во 1990-тите, Грузија доживеа брз раст поттикнат од политики пријателски кон инвеститорите, кои беа проследени со политички свртувања кон Западот.

Таа отвореност сега брзо се преокрена, при што директните странски инвестиции паднаа во последните две години на нивоа невидени од почетокот на 2000-тите.

Растот, сепак, опстана благодарение на приливот руски фирми и ИТ-работници во Грузија од почетокот на војната во Украина, што претставуваше поттик за економијата. Светската банка предвидува дека БДП на Грузија оваа година ќе расте за 7 проценти, по 9,4 проценти лани.

Сепак, изградбата на пристаниште на Црното Море, потенцијално клучен транзитен центар што ја поврзува Азија и Европа, во голема мера е запрена откако западниот конзорциум беше исфрлен од проектот. Кинеска компанија подоцна го доби договорот, но напредокот во изградбата на пристаништето е минимален.

Во меѓувреме, Грузија увезува околу 45 проценти од својата нафта од Русија, иако Тбилиси и Москва немаат дипломатски односи.

Иан Кели, поранешен американски амбасадор во Грузија, рече дека Западот можел да направи повеќе за градење врски со Тбилиси.

„Го пропуштаме моментот“, рече тој. „Грузија им ги отвори вратите на Русија и Кина“.

Брз шах

Во последниве недели, Грузиски сон презеде серија мерки што делуваат како обид да се искорени преостанатиот политички несклад.

Претстојната тужба пред Уставниот суд ќе има за цел забрана на трите главни опозициски партии, додека новите кривични обвиненија против девет клучни опозициски фигури, вклучувајќи го и затворениот поранешен претседател Михаил Саакашвили, изгледа речиси сигурно дека ќе ги држат потенцијалните противници зад решетки со години.

Во последно време, пресметката се прошири и на луѓе блиски до владејачката партија, со неодамнешни кривични обвиненија дури и против високи министри и поранешни блиски соработници на основачот на Грузиски сон, Бидзина Иванишвили.

Властите делуваат толку брзо што Капанадзе, поранешен заменик-претседател на парламентот, ја спореди ситуацијата со „брз шах“, при што опозицијата се обидува да го одложи шах-матот, надевајќи се дека владата во својата брзина ќе направи тактички грешки.

Апсењата на ноќните протести против владата пред парламентот ги држат политичките активисти во состојба на страв, очај и резигнација. Десетици луѓе минуваат време во затвор или се казнети поради блокирање на патишта.

„Грузија едноставно исчезна, не само од европската сцена, туку и од глобалната позорница“, рече Григол Гегелија од партијата Лело, која се соочува со забрана. „Ја губиме нашата земја“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот