Пендаровски ги покани противкандидатите на две мастер дебати

Стево Пендаровски - претседател на Македонија / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Од Изборниот штаб на Пендаровски велат дека до среда чекаат конечен одговор дали останатите кандидати ќе се согласат. Мастер дебатите се за сите седуммина кандидати, така што во случај некој да прифати, а некој не, идејата нема да се реализира

Кандидатот за претседател Стево Пендаровски, кој се трка за втор мандат ги покани неговите шест противкандидати на две мастер дебати, како форма на претставување и соочување со кандидатите со кои би се избегнале или би се намалиле обвинувањата и би се отворила можност сите седуммина да се соочат со своите програми за претстојната изборна трка.

Како што брифираа денеска од неговиот Изборен штаб идејата за двете мастер дебати е искомуницирана со останатите претседателски кандидати, кои засега не ја отфрлиле, но се чека конечно дали ќе ја прифатат. Мастер дебатите, како што велат од Изборниот штаб на Пендаровски би се организирале на неутрален терен, секој од кандидатите ќе учествува во организацијата, ќе ја води модератор, за кој сите ќе постигнат согласност, а трошоците ќе ги делат сите.

Секој од кандидатите ќе има можност да донесе своја публика, а ќе бидат поканети и претставници на медиумите, при што ќе постои можност да се поставуваат прашања. Мастер дебатите ќе траат 180 минути.

Од Изборниот штаб на Пендаровски велат дека до среда чекаат конечен одговор дали останатите кандидати ќе се согласат. Мастер дебатите се за сите седуммина кандидати, така што во случај некој да прифати, а некој не, идејата нема да се реализира.

Пендаровски на конвенција на 3 април ќе ја промовира програмата со која ќе настапи на претседателските избори, а како што велат од неговиот Изборен штаб, ќе води позитивна, европска и граѓанска кампања.

Планирано е големо присуство на терен и освен поголемите митинзи во градовите, планирани се многубројни средби со граѓани. Кампањата, како што велат од неговиот Изборен штаб е насочена кон граѓаните и таа ќе биде двојазична, на македонски и албански, а ќе биде вклучен и знаковниот јазик.

Пендаровски во текот на кампањата, како што велат од неговиот Изборен штаб, ќе организира ифтарска и велигденска вечера, на која ќе ги поканите сите учесници во трката за претседателските избори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот