Фото: ФК Пелистер

Пелистерци гневни по дербито: Навивачите и управата на Вардар не се добредојдени во Битола

Фудбалскиот клуб Пелистер јавно изрази револт по натпреварот од 12. коло во Првата македонска фудбалска лига против Вардар, кој заврши со победа на скопјани од 1:2.

Битолскиот клуб објави фотографии од јужната трибина на стадионот „Петар Милошевски“, каде што беа сместени навивачите на Вардар – „Комити“. На нив се забележуваат оштетени, потпишани и запалени столчиња, како и налепници залепени на новореновираната трибина.

Фото: ФК Пелистер

Од клубот тврдат дека ова не е единствениот проблем. Тие остро реагираа и на, како што велат, некоректниот однос на управата на Вардар и присуството на вооружано обезбедување во ВИП делот на стадионот за време на мечот.

-ФК Пелистер ја известува јавноста дека дел од столчињата и трибинскиот простор на јужната трибина, каде што се наоѓаа навивачите на Вардар, се оштетени и сквернавени. Заради заштита на нашиот стадион, во иднина нема да дозволиме присуство на гостински навивачи на „Петар Милошевски“ – стои во соопштението на клубот.

Фото: Приватна архива

Во реакцијата дополнително се наведува дека одредени изјави на медиуми и објави на социјалните мрежи од претставници на Вардар поттикнуваат омраза и тензии, поради што Пелистер одлучил да ги прекине институционалните односи со скопскиот клуб.

„Овој принцип не е наш принцип и не сакаме да бидеме дел од таков однос. За оваа управа на Вардар нема повеќе место на нашиот стадион, во свечената ложа и во ВИП просторот. Пелистер ќе го почитува секој кој покажува почит кон Пелистер“, се додава во соопштението.

Од клубот сепак најавија дека во иднина би можеле да ја обноват соработката, но само во случај на промени во структурата на управата на Вардар и поставување на луѓе кои, како што велат, ќе бидат достојни на традицијата и имиџот на скопскиот гигант.

По 12 одиграни кола во ПМФЛ, Вардар е лидер со 30 бодови, додека Пелистер се наоѓа на десеттата позиција со осум.

ПМФЛ: Вардар славеше на дуелот против битолски Пелистер

Преземено од: Sport.com.mk

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот