Партиски реакции за оставката на Коцевски – обвинител под контрола на ВМРО-ДПМНЕ или крај на еден мрачен период?
Притисокот за смена на јавниот обвинител е дел од сценариото на ВМРО-ДПМНЕ за целосно преземање на Обвинителството и Судството, реагираат од СДСМ по оставката што ја поднесе републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, пред да биде разрешен во Собрание.
Препорачано
-Обвинител под контрола на Мицкоски и ДПМНЕ. Судии под контрола на (премиерот Христијан) Мицкоски и ДПМНЕ, се вели во соопштението од СДСМ. Целосна окупација и партизација на судството, враќање на „тефтерчињата“, погребување на правдата. Сопруга на градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ беше назначена за член на Судскиот совет, поставија партиски човек во Советот за јавни обвинители. Исто како во времето на Никола Груевски и по истото сценарио што Вучиќ го спроведува во Србија – обвини СДСМ.
Од друга страна, владејачката ВМРО-ДПМНЕ смета дека со оставката на јавниот обвинител се става крај на еден мрачен период, во кој обвинителството било перцепирано како партизиран механизам, а не како независна институција.
– Оставката на Коцевски не е персонално, туку единствено системско решение. Ова е јасна порака дека никој не е недопирлив. Ова е почеток на демонтажа на заробените од СДСМ и ДУИ институции. Дали преку обвинител кој има некакви релации или пак директни релации, се координирале меѓусебно, додека ги штитеше криминалците од СДСМ и ДУИ? Дали затоа и чекаше оставката да биде на последниот ден кога ќе биде разрешен за да им купи време на неговите наредбодавци? Исто така, дали е точно дека група обвинители на чело со Коцевски заташкуваат преку 40 случаи на висока корупција против корумпираните функционери на СДС, ДУИ и други партии? – праша пратеникот ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.


