Фото: ТВ 24 / скриншот

Парите во дупката од кујнскиот ѕид не биле на судијата Ристов, туку на мајка му и татко му, тврди адвокатот Давидовиќ

Адвокатот Звонко Давидовиќ, кој го брани судијата на скопска Апелација Ѓоко Ристов, осомничен за перење пари и незаконито стекнување имот, вели дека 350-те илјади евра најдени во дупка во ѕид од кујна, не биле на судијата, туку на неговите родители, чијшто дом го претресуваа полицајците и истражителите на ОЈО ГОКК.

Ристов од вечерва е во куќен притвор, каде го испрати скопскиот Кривичен суд на предлог на Обвинителството. За тоа да се случи, Судскиот совет денеска на итна седница му го одзеде судискиот имунитет на осомничениот колега.

Адвокатот Давидовиќ, во изјава за ТВ „24“ рече дека истрагата за противправно стекнување и прикривање имот е „правно проблематична“ и оти таа „не може да се примени врз судија“. Тој додаде и дека ќе вложи жалба на одлуката Ристов да оди во куќен притвор.

Според него, законската одредба на која се повикува Обвинителството се однесува на одговорни или службени лица во јавни установи, јавни претпријатија или органи што управуваат со државен имот, но дека судовите не спаѓаат во таа категорија.

Давидовиќ тврди дека ваквата формулација не може да се применува на судии, но и на обвинители, а тоа, како што рече, отвора сериозна правна дилема околу самата квалификација на делото. Давидовиќ нагласи дека клучниот доказ што Обвинителството постојано го истакнува се 350 илјади евра пронајдени во домот на родителите на Ристов, но дека тие средства, според записникот од претресот, биле пријавени како нивни лични пари.

„350 илјади евра, кои беа најдени кај неговите родители, кои на записникот, напишале дека се нивни лични средства, тоа го признава и обвинителката“, вели Давидовиќ.

Падна судијата кој може да повлече и покрупни риби – ќе има ли политичко-корупциски пазар?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот