Пандовски: Корупцијата во Македонија сè уште на многу високо ниво, нема реален напредок кај институциите
Судството и јавното обвинителство кои треба да бидат водечки ентитети во борбата против корупцијата повторно согласно анкетите кои се водеа измината година, а поврзани со довербата на граѓаните со нивното работење, покажаа загрижувачки ниски проценти. И, онака нискиот процент на доверба од четири проценти, падна на еден отсто, што е реален показател на тоа дека главните институции кои треба да ги применуваат законите и да одредат што е во согласност со правото треба да имаат огромно подобрување во работата, изјави претседателот на Транспаренси интернешнл – Македонија, Благоја Пандовски
Иако Македонија бележи напредок за два поени и девет позиции на Индексот на перцепција на корупцијата (ИПК), и се наоѓа на 76 место со 42 поени, согласно методологијата на Транспаренси интернешнл секој резултат под 50 поени се смета за неуспех во борбата против корупцијата, односно дека во државата има високо ниво на корупција.
Препорачано
Претседателот на Транспаренси интернешнл – Македонија, Благоја Пандовски, презентирајќи ги резултатите денеска на прес-конференција, посочи дека подобрувањето од два поени на нашата земја се должи во подобрувањето само во истражувањата на еден од изворите, БТИ, додека сите останати се непроменети.
Сепак, овие два поени резултираа со скок на позицијата на Македонија за девет места погоре на табелата, па за разлика од минатата година кога се наоѓавме на 85 место, оваа година сме на 76 позиција. Секој резултат под 50 поени согласно мерилата на ИПК во која група припаѓа и Македонија укажува на сериозни корупциски проблеми во јавниот сектор, изјави Пандовски.
Ставот на ТИ Македонија, нагласи Пандовски, е дека корупцијата е сè уште на многу високо ниво и дека нема реално подобрување во работата на голем дел од институциите кои треба да бидат на чело на борбата против корупцијата.
Судството и јавното обвинителство кои треба да бидат водечки ентитети во борбата против корупцијата повторно согласно анкетите кои се водеа измината година, а поврзани со довербата на граѓаните со нивното работење, покажаа загрижувачки ниски проценти. И, онака нискиот процент на доверба од четири проценти, падна на еден отсто, што е реален показател на тоа дека главните институции кои треба да ги применуваат законите и да одредат што е во согласност со правото треба да имаат огромно подобрување во работата. Дополнително, претседателката на Врховниот суд Беса Адеми јасно истакна дека постојат политички притисоци врз највисокиот судски орган во државата, што е скандалозно и поразително и е сериозна индиција за нарушување на принципот на независност на судството, изјави Пандовски.
На ова, посочи Пандовски, треба да се додаде дека ЕУ спроведе оценска мисија која резултираше со 40 препораки за подобрување на работата на Судскиот совет, кој треба да биде главен коректор на работењето на судиите во државата, како и последиците од законските измени на КЗ кои се неповолни во делот на санкционирањето и борбата против корупцијата.
Ваквите измени во овој период, кога корупцијата во државата е на многу високи ниво не се воопшто добри и ја одмагаат борбата против корупцијата … Институциите на системот остануваат глуви на критиките и препораките за борбата против корупцијата, што се согледува и во тоа што често во јавноста излегува по некој корупциски скандал, изјави Пандовски.
Овие примери, според Пандовски, се само дел од негативната слика што државата ја добива од аспект на борбата против корупцијата.
Можеме слободно да кажеме дека сè уште постои недоволна демократија, транспарентност во работата на јавните институции и владеењето на правото кои мора да бидат подобрени ако сакаме да покажеме реални резултати во борбата против корупцијата, порача Пандовски.
Како глобална забелешка беше кажано дека корупцијата, правдата и владеењето на правото се тесно испреплетени и кога правдата може да биде купена, пишаните закони се претвораат во фикција. Тоа е само на хартија, а неказнивоста напредува. Кога корупцијата ќе се инфилтрира во правосудниот сектор тоа може да доведе до манипулација со правните процеси, селективно спроведување на законот и заштита на корумпираните поединци од одговорност, изјави Пандовски.
Главните пораки од овогодишниот ИПК, рече Пандовски, е дека постои глобален тренд на слабеење на правосудните системи, кој ја намалува одговорноста за јавните службеници, што овозможува корупцијата да напредува.
За да се стави крај на неказнивоста и корупцијата владите мора да им дадат на правосудните системи независност, ресурси и транспарентност потребни за ефективно казнување на сите корупциски престапи, нагласи Пандовски.
Како извадок од Извештајот што се однесува на Македонија, посочи Пандовски, е негативната забелешка за измените на Кривичниот законик од септември 2023 година, со кои Собранието се вели дека значително го поткопа судството.
Во нетранспарентна и брза постапка пратениците го измениле Кривичниот законик намалувајќи ги затворските казни и рокот на застарување на делата за злоупотреба на службената положба. Ова, се вели во Извештајот, ќе предизвика околу 200 сомнителни случаи на корупција да бидат отфрлени, од кои многу вклучуваат поранешни високи функционери. Оваа забелешка на ТИ, влезе во целиот извештај, нагласи Пандовски.
Индексот на перцепција на корупцијата претставува композитен индекс, комбинација на анализи и процени собрани од повеќе институции. Генерално се базира на 13 извори на податоци од 12 институции. Годинава, извештајот за Македонија има шест извори, еден помалку од минатата година, кога беше присутен и Светскиот економски форум.
Резултатите споредени со претходните години, како што појасни Пандовски, се исти кај сите оценувачи, освен кај Бретелсман Фондацијата, каде што има отскок од осум поени, но зошто е тоа така, ќе треба да се почека целосниот извештај на фондацијата коишто треба да биде објавен некаде во март годинава.


