Пандев: Физички и психички истрошени, но ќе го дадеме максимумот!

Спировски не го издржа утринскиот тренинг и ќе го пропушти дуелот, а иако повикан Руфати нема право на настап.

Денеска селекторот на македонската А репрезентација, Игор Ангеловски, и еден од најискусните играчи во националниот состав, Горан Пандев, ги споделија очекувањата во пресрет на утрешниот натпревар од Лигата на нации против Грузија.

Пеколниот ритам на УЕФА поради коронавирусот си го прави своето, односно се чувствува веќе заморот, како и повредите кај играчите. Последните информации велат дека денешниот утрински тренинг не го издржал Стефан Спировски и тој ќе го пропушти дуелот. А не може да се смета уште на Аријан Адеми, Кристијан Тошевски, Егзон Бејтулаи, Ферхан Хасани и Енис Барди.

Воедно Ангеловски го повика и Агрон Руфати, тој поради жолти картони не може да настапи за младата селекција. Но, стигна најнова информација дека нема право на настап и за сениорите. Односно од УЕФА објаснија дека суспендиран фудбалер ден пред мечот, па и ден после натпревар не може да настапува во тек на суспензијата.

За седум дена „црвено-жолтите“ имаат три натпревари, првите два веќе се одиграни, на 8 октомври победа над Косово во Скопје, па во Талин 3:3 со Грузија на 11 октомври, а утре (14 октомври) уште еден меч во главниот град против Грузија (20.45 часот) на Националната арена „Тодор Проески“ – Скопје.

– Успеавме да стигнеме на чекор до пласман на Европското првенство после победата над Косово. Ќе ги одмериме силите токму против селекцијата која ќе играме во финалето, Грузија. Иако не славевме во Талин против Естонија, атмосферата е добра. Со сите сили кои ги имаме ќе се обидеме да останеме на првото место. Без разлика на отсуствата, сите кои ќе истрчаат на теренот, должни се да го дадат максимумот. Прв пат играме во седум дена три натпревари, првиот меч беше многу важен од секаков аспект. Грузискиот селектор исто има проблеми со повреди и отсуства, но на нас селекторите е да го искористиме тоа што го имаме. Не очекувам противникот да калкулира со составот, напротив – изјави Ангеловски на денешната прес конференција.

Останува да се види дали со тројца или четворица дефанзивци утре ќе се одлучи селекторот, формациски според него и двете тактики можат да дадат резултати. Во делот на одбраната се Дарко Велковски, Ѓоко Зајков, Кире Ристевски, можно е да помогне и Стефан Ристовски, а како што е веќе познато повикан е и Томе Китановски.

Пандев, напаѓачот на Џенова, вели дека тие кои се моментно на располагање во составот ќе го дадат максимумот.

– Психички и физички се истрошивме против Косово, но ние сме подготвени за новиот предизвик. Сите сме во конкуренција за стартниот состав за утрешниот меч. Ова е веќе трет меч за нас, еден пеколен ритам и не можете да победувате секогаш. Исто така имаме нови играчи во тимот, на младите им е потребна поддршката. За утре нашата цел ќе биде да дојдеме до триумф и дојдеме поблиску до првата позиција во групата – се зборовите на Пандев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот