Пак се одложи рочиштето за аптекарот од Онкологија, зашто Апелација два месеци нема одлучено дали тајната снимка е доказ

Фото Слободен печат колаж

Повторно се одложи рочиштето за аптекарот од Клиниката за онкологија Калтрин Уштеленца обвинет за примање поткуп од пациентката Минка Веизовска која почина. Причината е во тоа што Апелациониот суд два месеци нема одлучено дали снимката на која е наводно тајно снимен Уштеленца и договорот за поткупот, а која е извлечена од мобилниот телефон на сега покојната Веизовска, треба да биде прифатена или да биде одбиена како доказ во постапката.

Првостепениот суд ја прифати снимката која ја достави обвинителството откако таа снимка беше крим-технички обработена од МВР, но потоа адвокатката на аптекарот вложи жалба до Апелациониот суд со образложение дека снимката е незаконска, поточно дека е снимена тајно и со кршење на правата на обвинетиот. Два месеци апелациониот суд нема донесено решение дали овој доказ да се користи во постапката или да не се користи, па судскиот процес е заглавен и не може да се одржи седницата со завршни зборови.

Инаку, според обвинението при крајот на 2022 година пациентката Минка Веизовска која боледувала од карцином на белите дробови, му дала обележана банкнота на Уштеленца како поткуп, за тој да ѝ даде биолошка терапија „кејтруда“. Веизовска пред да почине во судница рече дека иако имала лекарски извештај и била здравсвено осигурана и терапијата требало да ја прима бесплатно, сепак за тоа морала да плаќа мито. Според нејзиното сведочење, откако го известила тогашниот економски директор на болницата Нехат Нухи дека е уценувана за терапија, односно дека мора да дава пари за да ја има, тој ја охрабрил случајот да го тера до крај и да пријави во МВР.

-Ми рече дека треба да ја плаќам кај него лично, за да ми ја крие. Потоа си теравме ние подолго време така. Јас го прашав, дали некогаш ќе има регуларно терапија без да ја плаќаме, а тој ми одговори дека никогаш нема да има без пари. Имаше и професор доктор, чија сопруга имаше карцином. Аптекарот ме убедуваше дека и професорот морал да плаќа за да има терапија за неговата жена. Со оглед на тоа што имам тешка болест, јас друг избор немав. Кога го прашав колку пари треба, рече од 50 до 100 евра. Ама никому од сестрите да не кажувам, да немам контакт со другите вработени. Ако разберел дека имам контакт со други, немало да има терапија за мене, рече Веизовска пред судот, еден месец пред да почине.

Уштеленца пак, се изјасни за невин, а неговата одбрана тврдеше дека парите не ги ни допрел со раката, туку му биле ставени во дуксерот. Рече дека Минка Веизовска не ја познавал од порано.

Денот кога се случи ова, излегов на пауза околу 9 часот, си зедов за јадење и си седнав во паркот да јадам. После тоа дојде Минка, седна до мене, ме чекаше да јадам, ми ги стави парите во џебот на дуксерот и потоа стана и бев лишен од слобода, не можев ништо да направам. Не успеав ни да ги допрам парите што ми ги стави во џебот од дуксерот. Кога ме однесоа во полициска станица Беко, побарав да се вештачат парите, дека не сум ги чепнал. Инспекторот рече „добро“. Му реков да ми ги земе парите од џеб, но тој ми кажа дека јас треба да извадам се што имам кај себе, рече Уштеленца во своето сведочење пред судот.

Неговото тврдење е спротивно на она на инспектор од МВР кој сведочеше во судница дека бил на местото на наводното примање на поткупот во близина на Клиниката за онкологија заедно со уште шестмина полицајци кои биле распоредени околу аптекарот и видел, како тој со десната рака ја зел банкнотата од сто евра, ја ставил во дуксерот и продолжил да појадува.

Аптекарот од Клиниката за онкологија, Калтрин Уштеленца според обвинението, примил награда за да на пациентката Минка Веизовска која боледува од карцином на белите дробови, ѝ издаде скапа биолошка терапија „кејтруда“, која што би морал да ѝ ја издаде бесплатно, со оглед на тоа што таа била осигуреник на Фондот за здравство и имала медицински извештај за терапијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот