Фото: buducnostsrbijeav / screenshot

Падот на Орбан „со тресок“ е класика за авторитарните лидери: Односите Србија-Унгарија ќе заладат, сметаат аналитичари

Експлозивната победа на Петер Маѓар на изборите во Унгарија и падот на Виктор Орбан „со тресок“ е чест случај кај авторитарните лидери што владеат долго, изјави за Н1 политичкиот аналитичар Жарко Пуховски. Според него, изборниот резултат претставува значителен чекор кон ослободување од авторитарниот стил на владеење во Унгарија, типичен за одредени пост-комунистички држави.

Пуховски ги споредува промените во Унгарија со оние по промената на власта на Фрањо Туѓман во Хрватска, Слободан Милошевиќ во Србија и Владимир Мечјар во Словачка. Сепак, аналитичарот предупредува дека промената можеби нема да биде толку длабока како што се очекува, зашто зад неа има многу нејаснотии.

Лидерот на опозицијата Петар Маѓар кампањата ја водеше засновајќи ја примарно на тоа да го негира Орбан, што беше доволно за освојувањето на власта, но останува прашањето дали ќе биде доволно за суштински поинакво управување со државата. Клучното прашање е во колкава мерка новата власт, која сега ги има сите полуги на моќта, навистина ќе води поинаква политика. Најавата за брзи промени во целата држава и правосудството, упатуваат на револуционерно придвижување, а не само на либерално-демократско придвижување, вели тој.

Пуховски очекува значителна промена во надворешната политика на Унгарија, особено во односите со ЕУ, Украина, Русија и САД, но не предвидува големи промени во односите со Хрватска и Романија каде како што наведува, остануваат присутни традиционалните унгарски национални обрасци.

-Кога се работи за внатрешниот план, мислам дека на гласачите им беа понудени повеќе десни опции, додека либералниот дел од гласачкото тело остана без автентично политичко претставување, поддржувајќи ја опозицијата првенствено како алтернативна на Орбан, рече тој.

Говорејќи за регионалните импликации, Пуховски оценува дека односите на Унгарија со Србија и властите во Република Српска вклучително и Милорад Додик ќе бидат „спуштени за неколку степени“, со оглед на тоа што новата власт се врти кон Брисел а не кон Москва.

Истовремено тој очекува подобрени односи со Украина.

-Резултатите се неуспех за Доналд Трамп и за Владимир Путин, а се успех за бриселските структури. ЕУ ќе биде на ваков начин зајакната, додека Роберт Фицо ќе остане релативно изолиран внатре во унијата, смета Пуховски.

Сепак, тој предупредува дека политичките трендови во Европа остануваат неизвесни, потсетувајќи на јакнењето на десничарските опции како АФД во Германија и политичкиот блок на Марин Ле Пен во Франција.

Тој заклучува дека поразот на Орбан им зададе удар на суверенистичките политики ширум Европа, но дека останува отворено прашањето колку тој удар ќе биде долготраен и длабок. Претседателот на Србија Александар Вучиќ му честиташе на Петер Маѓар, лидерот на партија Тиса, за победата на парламентарните избори во Унгарија. Тој изрази уверување дека соработката меѓу двете земји ќе продолжи и во наредниот период, при што му се заблагодари и на досегашниот премиер Виктор Орбан за неговиот придонес во унапредувањето на односите.

ВИДЕО | Маѓар одржа говор: Го соборивме системот на Орбан, ја ослободивме Унгарија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот