Пад на продажбата на нови возила за 33 проценти

автомобили
автомобили / фото: EPA/EFE

Пандемијата со Ковид -19, која негативно влијаеше врз работата на повеќе сектори, се одрази и врз автомобилската индустрија. Увозниците на нови возила поради намалената побарувачка беа принудени да се прилагодат на новите околности што ги наметна пандемијата и да го намалат увозот на возила.

Од Групацијата на импортери на нови возила при Сојузот на стопански комори велат дека забележале пад во продажбата од 33 проценти лани во однос на 2019 година.

– Причините за ваквата состојба се базираат врз економската криза односно намалената потрошувачка. Граѓаните поради состојбите во економијата се воздржуваат од потрошувачка на акцизни стоки, а воедно и претпријатијата поради намалената деловна активности и намалените приходи, се воздржуваат од нови инвестиции – велат од Групацијата за МИА.

Со заздравувањето на економијата и излезот од економската криза што ја предизвика пандемијата, очекуваат следниот период да се преземат мерки со кои ќе се стимулира купувањето на нови возила, особено на оние на електричен погон.

– Некои мерки Владата веќе ги најави, чија реализација очекуваме што поскоро да отпочне – истакнуваат од Групацијата.

И податоците од Царинската управа покажуваат дека минатата година се увезени помалку нови автомобили отколку во 2019 година.  Според овие податоци, лани во земјава увезени се вкупно 5.172 нови возила што е за околу 1.000 возила помалку во споредба со 2019 година кога во земјава влегле 6.341 нови возила.

Анализирајќи ги податоците на Царинската управа може да се забележи дека од февруари лани, кога беше детектиран првиот случај на корона вирусот кај нас, постепено секој месец се намалува бројот на увезени нови возила. Така, од 570 нови возила во февруари, веќе во декември бројот е намален на 505 возила, а во јануари годинава на 364. Во декември лани се увезени за 264 возила помалку во однос на истиот месец во 2019 година.

Пандемијата беше причина и за пад на вкупната продажба на пазарот на автомобили во Европската Унија. Лани, вкупната продажба паднала за 23,7 отсто во однос на 2019 година.

Според податоците за 2020 година на Европското здружение на производители на автомобили, падот на продажбата на автомобили во Хрватска изнесувал 42,8 отсто, во Белгија 36,8 отсто, во Португалија 35, Шпанија 32,3 отсто, Естонија 29,5, Грција 29, Италија 27,9, Франција 25,5, Австрија 24,5, Белгија 21,5, Холандија 19,5 и Германија 19,1 отсто.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот