Клиника за Хематологија / Фото: Слободен печат, Драган Митрески

„Пациенти алармираат за колапс на Клиниката за хематологија“: Левица бара итен инспекциски надзор

Левица соопшти дека до партијата пристигнале вознемирувачки сведоштва од пациенти кои со години се лекуваат на ЈЗУ Универзитетска клиника за хематологија, а кои укажуваат на целосен колапс на основното функционирање на оваа јавна здравствена установа. Информациите кои пристигнале до Левица, како што велат од партијата, откриваат дека пациентите се соочуваат со недостиг од терапии, како и со недостиг од најосновни медицински материјали – шприцеви, стерилни ракавици, средства за дезинфекција и кеси за венепункција.

„Особено загрижувачки се наводите дека на клиниката е воспоставен понижувачки и опасен систем на „штедење“, каде лекарите се принудени за секоја терапија и интервенција да бараат одобрување од директорката Соња Генадиева Ставриќ преку телефонски повици и вибер пораки. Со ова, директно се суспендира стручниот авторитет на лекарите и се воведува недозволиво менаџерско самоволие во процесот на лекување. Според сведоштвата на пациентите, директорката Генадиева-Ставриќ произволно кратела терапии спротивно на медицинските индикации, при што пациенти на кои им биле потребни 10 ампули терапија добивале дозвола само за 3, со апсурдни инструкции да примаат „половични дози““ наведуваат од Левица.

Од партијата го повикаа директорот на Државниот здравствен инспекторат, Кирил Лазов веднаш да иницира вонреден инспекциски надзор за утврдување на состојбата со терапиите, набавките и начинот на носење одлуки за лекување на оваа клиника.

Доколку овие застрашувачки наводи се точни и директорката на Клиниката за хематологија штеди ресурси на сметка на животот и здравјето на пациентите, тогаш станува збор за тешко кривично дело за кое мора да има одговорност, порачаа од Левица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот