Откриени детали за плановите за венчавката на Зои Кравиц и Хари Стајлс
Зои Кравиц и Хари Стајлс размислуваат за интимна церемонија за време на божиќните празници, а сè би можело да се одвива далеку од холивудскиот гламур, во Велика Британија и во кругот на најблиските, пишува „Јаху“.
Препорачано
Врската на Зои Кравиц и Хари Стајлс уште од самиот почеток предизвика огромен интерес во јавноста, но парот со месеци успеваше да избегне претерана медиумска експонираност. Првпат беа поврзани во август минатата година, кога беа видени заедно во Рим, а набргу потоа следуваа фотографии кои потврдија дека меѓу нив има нешто повеќе од пријателство.
Иако ретко зборуваат за приватниот живот, во последните месеци има сè повеќе знаци дека нивната врска станала сериозна. Странските медиуми сега пишуваат дека парот размислува за мала зимска венчавка во Велика Британија, наводно за време на божиќниот период.
Според извори блиски до парот, Стајлс и Кравиц сакаат да избегнат класична славна венчавка со многу камери и познати гости. Наместо тоа, наводно планираат интимна церемонија само за семејството и најблиските пријатели.
Дел од нивната врска во последните месеци се одвивал токму во Лондон, каде заедно поминувале време далеку од американските таблоиди. Хари Стајлс веќе извесен период престојува во Европа по завршувањето на големата светска турнеја, а животот надвор од Холивуд, според изворите, дополнително ја зацврстил нивната врска.
Гласините за свршувачка се појавија уште во април, кога американските медиуми објавија дека музичарот е целосно вљубен во ѕвездата на серијата „Big Little Lies“. Дополнителни шпекулации предизвика и Зои Кравиц кога деновиве се појави на концертот на Стајлс во Амстердам носејќи впечатлив прстен.
Наводно се разгледуваат дури две церемонии – една во Лондон и една во Њујорк, град со кој актерката е посебно поврзана поради семејството и нејзиниот татко, легендарниот музичар Лени Кравиц.
Зои Кравиц зад себе веќе има еден брак. Таа беше во брак со актерот Карл Глусман, а нивната раскошна венчавка во 2019 година се одржа во Париз со бројни познати гости. По разводот беше свршена и со Ченинг Тејтум, но нивната врска заврши минатата година.
За Хари Стајлс ова би било прво стапување во брак, доколку шпекулациите се покажат како точни. Низ годините тој беше поврзуван со бројни познати имиња, меѓу кои Тејлор Свифт, Кендал Џенер и Оливија Вајлд.


