Османи: С. Македонија ги исполни, дури и ги надмина сите критериуми за почеток на преговорите со ЕУ

Мслам дека РС Македонија и Албанија нема да бидат раздвоени на патот кон ЕУ, оти тоа е погрешна дебата, рече денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Прво, мислам дека погрешна е дебатата што се насочува во јавноста. Ова не е прашање дали Албанија ќе ги почне преговорите или не, тоа е прашање на Албанија. Ние го поставуваме прашањето дали ние треба да ги почнеме преговорите, сметајќи дека сме ги исполниле сите критериуми, дури и сме ги надминале, во поглед на политичките, во поглед на економските и во поглед на транспонирањето на евроското законодавство. И затоа во мојот говор реков дека овој ѕид за започнување на преговори не само што стана симбол на нашите европски аспирации, стана тест на кредибилитетот на ЕУ – изјави денеска Османи по настанот организиран во пресрет на Денот на Европа.

Очите на јавноста во регионот, на нашите граѓани, како што потенцираше, се на овој тест, на овој ѕид пред којшто е ставена Македонија.

– Ние ќе продолжиме да работиме за започнување преговори, да ја искористиме шансата во јуни која се нуди пред нас. Мислам дека дебатата одвојување е погрешна, малите држави треба да се засновуваат на принципи и вредности, а не на тактики и на стратегии – рече Османи.

Тој потенцираше дека не сака да биде политичар кој во октомври трча и моли за раздвојување, а денеска моли да не се одвојуваме.

Бидејќи не се држиме на принципите, тогаш не можеме да морализираме зошто ЕУ не се држи на принципите во нашиот однос со Бугарија. И тогаш и сега сметам дека овој процес треба да се засновува на стриктни критериуми на исполнетост на условите. Република Северна Македонија ги исполни условите и испорача, на ред е ЕУ да испорача – рече Османи.

Во однос на стратегијата кон Бугарија, министерот за надворешни работи кажа дека нивна оценка било дека најширок прозорец со можност се јунско-јулскити самити. Очекувањата биле дека со завршување на изборите во Бугарија ќе се формираат брзо институциите и со ангажирање во суштински дијалог ќе најде решение што потоа ќе доведе до консензус во преговарачката рамка.

– Но, очигледно таму се оди на техничка влада и на предвремени избори. Меѓутоа, одлуката за првата меѓувладина конференција е техничка одлука бидејќи политичката одлука за почеток на преговори беше донесена во март минатата година – рече Османи, потенцирајќи дека треба да следи само техничка одлука за почеток на преговори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот