Оштетен симболот на Шара, искршени и откорнати прозорци на кулата на Титов Врв

Фото: Fejsbuk/ Argentus Maunt

Симболот на Шар Планина, кулата на Титов Врв највисоката точка на Шара повторно е оштетена.

Од Планинарското друштво Аргентус Маунт кои со помош на други планинарски друштва започнаа акција за реконструкција на кулата уште во 2014 година за „Слободен печат“ информираа дека искршени се пет прозорци на првиот и на последниот кат од објекот, од кои еден е целосно откорнат, а вратата на кулата не може воопшто да се отвори.

„Инаку од Србија беа една група на Титов врв и според сликите кои ни ги пратија вратата е или замрзната или пак е оштетена и не можеле да влезат. Исто преку сликите се гледа дека има доста прозорци оштетени. Она што е најважно е сакаме да ги предупредиме планинарите дека обично во декември многу планинари одат навечер на Титов Врв и престојуваат во кулата. Да знаат дека кулата е оштетена, моментално ако одат ќе настрадаат, оти ако стигнат навечер не можат да ја отворат вратата и можат да замрзнат надвор, вели Зија Јонузоски претседател на планинарското друштво Аргентус Маунт.

Јонузоски вели дека не е првпат кулата да се оштетува. Исто и лани биле искршени прозорци, вратата некој намерно ја остава отворена за да влегува снег во објектот.

„Целта е да се направи штета на нешто што е јавно добро, објект кој со многу труд го реконструираме, оти се работи за кула која е на 2.747 метри надморска височина и материјалите мора пеш да се носат. Претпоставка е дека е човечки фактор, но ќе одиме во текот на неделава за да видиме што точно се случило. Исто имаме и резервни материјали за да ја санираме кулата, за да не навлегува снег. Лани беа кршени прозорци, со една клупа што ни седи во самата кула, ја дигнале клупата и ги искршиле прозорците и претходно имало вакви девијантни појави, но сега ќе одиме горе да видиме што точно се случило, не сакаме да преудицираме, вели Јонузоски.

И покрај нанесувањето штети, ние нема да се откажаме од кулата, која целосно ќе ја реконструираме и ќе ја одржуваме, велат од Аргентус Маунт.

„Реконструкциата на кулата на Титов Врв не е завршена. Внатре е започнато од горе да се фугира внатрешниот дел од ѕидовите, оти има оштетување, има дупки и ние почнавме да ги санираме тие дупки, тоа сепак е долгорочно решение. Потоа надвор треба бетонскиот прстен да се докомплетира и стреата горе е изедена од ерозија и таа е во план да се санира и она што е најважно е кулата да се одржува кулата“, додаде Јонузоски.

Кулата на Титов врв е често посетувана од планинарите.

Инцијативата за обновување на кулата започната е од планинарите од планинарското друштво Аргентуст Маунт. Потребните материјали до 2.600 метри надморска височина изминативе години ги транспортираа со ратрак, а потоа до самиот врв каде се наоѓа кулата, поради непристапниот и стрмен терен, прозорците, вратите и друго, планинарите го носеа пеш или пак со коњи.

Камената кула на Титов Врв пред повеќе од една деценија беше симбол на планинарството во Македонија. Објектот беше главното лого на планинарската федерација на Македонија. Но сликата од кулата од логото е тргната поради лошата состојба во која се наоѓаше кулата, која се обновува но секоја година е мета на вандали.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот