Орбан и Унгарците навлегуваат сè подлабоко на Балканот
Важен елемент на балканската стратегија на Орбан, според извор близок до владата, е дека претходно силното германско-австриско влијание во регионот е ослабено, а Орбан се обидува да го замени, пишуваат унгарските медиуми.
По доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт во Македонија, се променија одредени надворешнополитички приоритети на земјата, а во сето тоа својата можност ја виде и унгарскиот премиер Виктор Орбан. Имено, македонскиот министер за транспорт Александар Николоски на владината седница најави дека унгарската телекомуникациска компанија 4iG планира да влезе на пазарот во оваа земја, пишува Кликс.ба.
„По промената на власта во Скопје, унгарската влада на Македонците им одобри заем од 500 милиони евра со поволни кредитни услови, а на маса се и дополнителни опции за кредитот. Овој кредитен пласман може да се класифицира како една од политичките инвестиции на унгарската влада, која се обидува да го зајакне своето влијание на Балканот“, пишува порталот 444.ху.
Притоа се потсетува дека во минатото од тоас најголема корист имале Јанез Јанша, Милорад Додик и Александар Вучиќ.
„Една од истакнатите компании на овој план е 4iG, која веќе има добиено значајни позиции во Црна Гора и Албанија, а со влегувањето во Северна Македонија планираат дополнително да го зајакнат своето присуство во регионот“, посочуваат унгарските медиуми.
Иако унгарскиот 4iG важи за приватна компанија, унгарските медиуми во неколку наврати пишуваа за поврзаноста на компанијата со Виктор Орбан. Приказната особено се засили во 2021 година кога Орбан посредуваше 4iG да ја купи унгарската телекомуникациска компанија Инвитек, процес кој траеше со месеци.
„Ова покажа дека 4iG е приоритет на унгарската влада. Има малку компании во Унгарија кои добија толку голема државна поддршка и директно внимание од премиерот во последните години. Резултатот е дека 4iG, која претходно беше просечна унгарска ИТ компанија, за кусо време стана една од најголемите корпорации во земјава со упориште во неколку балкански земји. Освен во телекомуникациите, 4iG влезе и во одбранбената индустрија како партнер на германскиот гигант Рајнметал“, пишува порталот Директ36.ху.
Исто така, се истакнува дека 4iG е компанија која забрзано се шири во некогаш конкурентните индустрии, но со многу силен ветер во грбот од унгарската влада, па затоа компанијата е опишана како „миленик на Виктор Орбан“.
„Државата го помогна подемот на 4iG не само со официјални и регулаторни средства. Компанијата исто така имаше корист од големиот број државни ресурси со тоа што стана еден од најголемите корисници на таканаречената Програма за обврзници за раст на Унгарската народна банка. Во рамките на оваа Програма, централната банка купувала обврзници на разни компании, со што станала нивен кредитор. Според проценките, 4iG преку програмата добила 235 милиони евра државни пари, што претставувало брутална државна помош“, анализираат Унгарците.
За Орбан, телекомуникациската компанија има и меѓународно значење.
„Орбан долго време беше активен на Западен Балкан, каде што изгради блиски сојузи со српскиот претседател Александар Вучиќ, кој ги споделува неговите автократски тенденции, со лидерите на босанските Срби и со други влијателни личности во регионот. Еден важен елемент на балканската стратегија на Орбан, според извор близок до владата, е дека претходно силното германско-австриско влијание во регионот е ослабено, а Орбан се обидува да го замени“, се нагласува во медиумите.
Инвестициите во странство се дел од оваа стратегија, која е една од омилените теми на Орбан.
„Инвестирањето на Балканот му е важно бидејќи Орбан го гледа Балканот како регион каде што може да игра водечка регионална улога. Балканот е место каде што можеме да бидеме Запад“, изјави извор близок до претставници на унгарската влада.