Ѓубре за време на локални избори 22,10,2025 - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Ѓубре за време на локални избори 22,10,2025 - Фото Слободен печат - Методи Здравев

Општинските јавни претпријатија тонат во тешки загуби — скопските „Водовод“ и „Комунална“ се задолжени до гуша

Според податоците, само скопските јавни претпријатија на крајот од 2024 година имале долг од околу 90 милиони евра. Повеќе од половината од овој износ е направен од ЈП „Водовод и канализација“, кое ја предводи листата на најзадолжени претпријатија во државата.

Според финансиските резултати на локалните јавни претпријатија, состојбата е многу лоша, повеќе од половината работат со загуби, а нивните долгови достигнале вртоглави 193 милиони евра, открива последното истражување на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).

Во истражувањето се вклучени 128 јавни претпријатија основани од општините и од Градот Скопје. Дури 126 од нив пријавиле краткорочни обврски, за кои организацијата истакнува дека можат да прераснат во блокади на сметки и во нефункционалност доколку не бидат подмирени навреме.

За објаснување, краткорочните обврски се главно долгови кон набавувачите, кои ако не се платат навреме, можат да доведат до тужби и до блокирање на сметките.

Скопски „Водовод“ должи 53 милиони евра

Според податоците, само скопските јавни претпријатија на крајот од 2024 година имале долг од околу 90 милиони евра. Повеќе од половината од овој износ е направен од ЈП „Водовод и канализација“, кое ја предводи листата на најзадолжени претпријатија во државата.

„Водовод и канализација“ минатата година ја затворило со долг од 53,3 милиони евра, што е двојно повеќе од неговиот годишен приход.

Скопје добива нови директори во клучните претпријатија – Ѓорѓиевски ги соопшти имињата

Последниот годишен извештај на претпријатието покажал дека 60 отсто од водата што влегува во системот не се фактурира – загуби кои директно го нагризуваат буџетот.

„Водовод“ работел и со загуба од речиси 4,2 милиони евра, пласирајќи се на врвот на загубарите во земјава.

„ЈСП Скопје“ со 16 милиони евра долг – билетите не поскапеле од 2016 година

Слична ситуација има и во „ЈСП Скопје“, кое 2024 година ја завршило со долг од 16,8 милиони евра.

Цената на билетите за јавен превоз не е променета веќе осум години, а резултатот се нефункционални автобуси, доцнења со часови и со колапс на сервисот.

„Комунална“ должи 8 милиони евра, градот се давеше во отпад

И ЈП „Комунална хигиена Скопје“ е меѓу најголемите должници. Претпријатието има над 8 милиони евра долг, а во истражувањето се наведува дека со години не биле направени никакви инвестиции во комунални возила и во опрема. Истовремено, исплатите кон набавувачите доцнеле, па обврските се таложеле.

ФОТО | Скопје длабоко „тоне“ во ѓубре – граѓаните нервозни, улиците смрдливи, отпадот несобран

Десетте најзадолжени претпријатија носат 40 отсто од целиот долг според анализата на ЦГК. Првите 10 претпријатија имаат 40 отсто од вкупните долгови, а првите 20 претпријатија имаат 53 отсто од сите долгови.

Фото: Центар за граѓански комуникации /

Во оваа група покрај скопските јавни претпријатија се и претпријатијата за водовод и канализација од Кавадарци, Струга и од Охрид, како и комуналните претпријатија од Тетово и од Струмица.

Повеќе од половината локални јавни претпријатија работеле со загуби во 2024 година. Од вкупно 128 претпријатија на локално ниво, дури 71, или 55 проценти, ја завршиле годината во минус, покажува анализата на Центарот за граѓански комуникации.

Десет претпријатија ја носат најголемата тежина

Вкупната загуба изнесува 17,4 милиони евра, а речиси целата тежина ја носат само десет претпријатија, кои генерирале 77 отсто од сите негативни резултати. На врвот на оваа листа се скопските „Водовод и канализација“, „Улици и патишта“ и „Комунална хигиена“, а зад нив следат битолскиот „Водовод“ и „Комуналец“.

Иако приходите на локалните претпријатија последните три години покажуваат умерен раст – зголемени се за над шест милиони евра – трошоците растат многу побрзо. За истиот период, расходите се зголемиле за речиси 12 милиони евра, што создава дополнителен притисок и го продлабочува негативниот тренд во нивното работење.

Сѐ помалку луѓе работат во јавните претрпијатија

Истовремено, бројот на вработени во локалните јавни претпријатија се намалува. Во 2024 година работеле 12.009 луѓе, што е 171 помалку отколку во 2023 година и дури 462 помалку отколку во 2022 година. Иако намалувањето не е драматично, трендот е постојан и укажува на постепено намалување на работната сила во секторот.

Анализата покажува и дека најпрофитабилната локална дејност е паркирањето. Претпријатието „Градски паркинг Скопје“ лани остварило половина милион евра добивка, а „Паркинзи на Општина Центар“ заработило над 300 илјади евра. Добри резултати има и Кавадарци, додека, пак, во Тетово, Велес, Куманово, Струмица и во Неготино претпријатијата за паркинзи завршиле со загуба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот