Општината се расфрла со пари за се и сешто, а 11 години не ни гради инфраструктура да ги изградиме нашите куќи, велат сопственици на купени парцели во Битолската касарна
Околу 40 сопственици на градежни парцели во СТУ 9 АРМ 2 во Битолската касарна денеска се заканија со поднесување на колективна тужба против Општината Битола, бидејќи и по 11 години откако на електронска аукција ги купија градежните парцели сеуште не им се создадени инфраструктурни услови, ниту пат, за да можат да ги градат своите индивидуални станбени објекти.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
-Цели 11 години бевме трпеливи и молчевме, надевајќи се дека нашиот проблем ќе биде решен. Но, веќе и нас не издаде трпението. Ни по 11 години, откако ни ги продаде градежните парцели, Општината Битола сеуште нема почнато да ни ја средува инфраструктурата и да ни овозможи пристапени патишта и макар минимални услови да можеме да ги градиме нашите куќи. И покрај тоа што упорно бараме решение за нашиот проблем од страна на локалната самоуправа не сакаат ни да слушнат за решавање на истиот.
Од Општината Битола, ни велат дека немаат пари и дека за уредување на парцелите ќе им биле потребни околу 1 милион евра. Тоа што посебно не иритира е што откако почнавме да бараме решение на нашиот проблем од страна на Општината не сакаат ни да слушнат да не примат на средба за да се договориме околу решавањето на овој проблем. Затоа сме принудени против Општината Битола да поднесеме колективна тужба во која ќе бареме не само изградба на инфраструктурата, туку и надомест на штета, што 11 години немаме услови за градба. Иако ние пред 11 години регуларно, на електронско наддавање ги купивме парцелите и истите ги плативме, а плативме и комуналии, досега Општината со прст нема мрдното да ни создаде елементарни услови за градба на нашите куќи. За тоа време ние трпиме огромни штети, материјалите драстично поскапеа, како и работна рака и не знаеме што да правиме. Многумина од нас се задолжени со кредити да ги платиме парцелите, а има и такви кои ги продадоа становите со намера да изградат куќи, а цели 11 години не можеме да градиме.
Меѓу тие 40 лица кои имаат купено парцели има и наши блиски од странство кои купија парцели во АРМ 2, но и тие цели 11 години не можат да почнат да градат. И тие, како и ние, никако не можат да сфатат како е можно и покрај тоа што се што требаше спрема Општината ние плативме, а за тоа време Општината Битола која во последно време како што можеме да слушнеме се расфрла со пари за се и сешто да не го исполни основниот услов, да ни создаде услови за градба, изјави претставникот на оштетените граѓани, д-р Пеце Стефановски.
Во врска со решавањето на овој проблем од Општината Битола излегоа со одговор:
-Локалната самоуправа ги разгледува сите можности за решавање на овој долгогодишен проблем за кој во изминатите повеќе од 11 години не е имплементирано решение и не е изградена инфраструктура. Станува збор за голема инвестиција од околу 2 милиони евра, а платените комуналии се околу 20 % од средствата потребни за изградба на инфраструктура во посочниот дел на АРМ, каде потребно е да се изгради комплетно нова траса и комплетна инфраструктура на 2 улици. Имајќи ги предвид сите состојби, како и потребата на граѓаните оваа локална самоуправа во изминатата година и половина прави напори, согласно документацијата од 2015 година да ги обезбеди потребните средства, разгледувајќи различни начини на финансирање. Комплексноста на проектот не дозволува негово едноставно решавање. Покрај новата траса, треба да се изгради и атмосферска, фекална канализација, коловоз. Токму затоа, потребно е да се обезбедат дополнителни извори на средства кои ќе овозможат Општината да делува и на овој простор, информираат од Битолската локална самоуправа.


